На пензионерите им пукна филмот – за во понеделник најавуваат голем протест во Скопје

Неиздржливо тешко, а и понижувачки недостоинствено е човек под стари години да моли за попристоен живот. Пензионерските години наместо да бидат најбезгрижниот период од животот, во Македонија станаа секојдневна борба за голо преживување. Ако се купи храна, ќе нема пари за сметки и за лекови, а ако се подмират прво сметките и лековите, ќе треба да се скуси од јадењето“. Ова се само дел од коментарите на највозрасната група граѓани во земјава, а кои, иако навлезени во седмата, осмата деценија од животот, со денови протестираат по улиците под врелото августовско сонце.

Овие животни трошоци што се зголемија, над 50, 100 посто можеби се зголемија, кој ќе ги издржи ?! Со 10.000 – 15.000 ќе издржат?!“ – прашува еден пензионер.

  „Засега, за купување, за пазарење од пазар, дали за лубеница или диња, недостасуваат пари. Нема ни за лекови, па ни за храна“, – реагира друга пензионерка.

„Е, па со 11.000 кој може да живее?! И апчиња да купиш, и ова да купиш, и она да купиш. Може некој да живее? Не може! Па, особено да одам некаде на одмор. Кај ќе одам на одмор, нигде не можам да одам“, – кажа Неџиме Велиоска, пензионерка од Битола.

  „Гледајќи ја пред се’ секојдневната инфлација, пензиите не стигнуваат за основните потреби. Пред се’ за купување на лебот и лековите, а каде се другите работи?“ –  рече Вера Чакмакоска, пензионерка од Битола. „Верувајте, луѓе, од 13.000 или 10.000 пензија, да ја направиме сметката – 5.000 треба за дрва за еден кубик, а ние треба секој месец да купуваме кубик по кубик, оти немаме пари“, вели Марија Ристеска, пензионерка од Прилеп.

   „Најмногу не’ боли тоа што некои се обидуваат да ни прилепат политички, партиски етикети, дека некој не’ манипулирал, небаре ние недоветни сме“, велат пензионерите. „Не знаеме зошто не сакаат да разберат дека ние се бориме за нашата егзистенција, за да не преживуваме како питачи, туку да живееме како луѓе“, додаваат тие.

Ние овдека сите сме членови на пензионерите на државата Македонија. Партија во ниеден момент не сме спомнале. Значи, овдека нема партија, само пензионери. Притисоци, до денеска, нема од политички партии“, – тврди Верче Јанческа, пензионерка од Прилеп.

   Инаку, во Македонија има безмалку 400.000 пензионери, а дури повеќе од половината од нив живеат од минимални пензии до 13.000 денари. Оттука, масовните протести кои во изминативе денови ги имаше во сите градови во земјава, ќе кулминираат в понеделник со голем сепензионерски протест кој ќе се одржи во Скопје од 11 до 14 часот пред ССМ, Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија и пред Министертсвото за труд и социјална политика. Таму, пензионерите ќе побараат прием кај ресорната министерка и ќе ги достават барањата за линерано зголемување на пензиите од 3.500 денари уште од овој месец. На протестот во Скопје се очекуваат повеќе од 100.000 пензионери од цела Македонија.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста