Во фокус: Како Пендиков од горд Македонец, дури и националист, преку ноќ стана Бугарин во обид

„За жал, тоа е нормално во Македонија, нормално е да те тепаат, да те пцујат, се да ти прават, да те стрелаат затоа што си Бугарин, а полицијата ништо да не презема.“ – обвинуваше Пендиков во телевизиско интервју во Бугарија.

Од горд Македонец до истакнат Бугарин во обид. Христијан Пендиков за само неколку години направил „салто мортале“ и ги сменил своите убедувања.

Неговиот веќе избугарен македонизам може лесно да се забележи на бројните слики и објави на социјалните мрежи, на кои се гледа како тој жестоко се спротиставувал на вадењето бугарски пасоши, како цитирал историски факти за Пиринска Македонија и како тврди дека Македонија му е единствена татковина.

•„Секој треба да се бори за Македонија зашто друга татковина немаме.“
•„Бевме, сме и ќе сме на браникот на Македонија. Засрамете се предавници.“
•„Јас немам извадено македонски пасош, па не дај Боже бугарски.“ – Пишува во дел од неговите објави на социјалните мрежи.

Нејасно е што се случило во меѓувреме за тој драстично да го промени својот светоглед и да стане секретар на најконтроверзниот бугарски клуб кој го носи името на Цар Борис Трети, докажан соработник на нацистичка Германија.

Сепак, итересен е и тајмингот за избугарувањето на Христијан Пендиков. Релативно кратко откако се нашол под окото на полицијата поради дрога во декември, пред неполни три месеци, тој поднел барање за бугарски пасош.

Инаку Бугарија преку официјални и неофицијални канали се инвестираат илјадници евра за финансирање на клубови и активности на македонска територија. Од државниот буџет лани за бугарски здруженија во странство биле издвоени 400 илјади евра, а сумата е многу поголема ако се земат предвид и донациите од приватни лица и фондации.

Заложбите на официјална Софија веројатно вродија со плод. Кафеанската тепачка и дојде на бугарската надворешна политика како џокер. Па оттаму продолжија да играат на таа карта, што резултираше со контроверзни интервјуа на охриѓанецот, каде тврдеше дека во Македонија се стрелале Бугари по улици пред очите на полицијата, па дури и негово учество во краток документарен филм.

„Стравувам да не се случи истото или полошо. Да не бидат следните панихиди наши“ – вели Пендиков во документарниот филм на БТВ.

Причините за ваквите ставови на контроверзниот Христијан Пендиков веројатно се кријат и во односот што официјална Софија го има кон него. Со државен авион, без да консултира или да побара одобрение од ниту една македонска институција, си го зеде Пендиков на исток. Го награди со стан, џепарлак, итна постапка за добивање на бугарско државјанство, а според најавите, тој ќе добие и помош да заврши факултет таму.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста