Бектеши претпоставува дека струјата најверојатно нема да поскапи 13% – последниот збор е кај регулаторот

Цената на струјата, најверојатно нема да порасне за 13% како што бараат дел од енергетските компании. Ова го посочува министерот за економија, Крешник Бектеши, потсетувајќи дека и минатата година некои од компаниите бараа зголемување и до 100%. Тој повтори дека конечната одлука ќе ја донесе Регулаторната комисија. Според министерот, ЕСМ засега нема побарано од Владата да се утврди цена со која ќе учествува на тендерот.

Инаку до регулаторот се пристигнати сите барања за цената на струјата и доколку бидат прифатени тоа би значело евентуално зголемување за 13%, рече првиот човек на РКЕ Марко Бислимовски. Според него, Регулаторна во наредниот период ќе ги анализира барањата, а одлуката ќе ја соопшти следниот месец.

Бислимовски соопшти дека Електродистрибуција има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32%, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3%, а МЕПСО како оператор на преносниот систем од 53,51%. Процентот што го бара МЕМО, според него, навидум е голема бројка, но влијанието на цената е под 0,5 проценти. Вкупното влијание на цената на МЕПСО, пак е нешто под пет проценти. Но сите овие најави за министерот за економија се неофицијални и допрва ќе се одлучувало за тоа.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста