Ден на рударите: Бучим и Боров Дол привремено ќе прекинат со производство

Од четврток рудниците Бучим и Боров Дол привремено прекинуваат да работат. Од компанијата информираат дека прекинот се прави за да се направи замена на опрема и да се изгради фотонапонска централа за производство на електрична енергија. На овој начин, рудниците сакаат да ја намалат зависноста од превисоката цена на електрична енергија на отворениот пазар.

По ремонтот, рудникот Бучим треба да има најсофистицирана опрема за обработка на бакарна руда и производство на бакарен концентрат. Од компанијата велат дека за време на реализирањето на овие две капитални инвестиции, ќе се продолжи со континуираните геолошки истражувања. Досегашните сознанија се дека има дополнителни количества на руда, кои што ќе го продолжат животниот век на рудниците за дополнителни 5 до 7 години.

Денеска 2.200 рудари го прославуваат Денот на рударите. Од компаниите што стопанисуваат со рудниците во Македонија веќе се пожалија дека годинава е една од најтешките досега. Алармираа дека поради превисоките цени на струјата, од една страна и прениските цени на обоените метали од друга, се наоѓаат во крајно тешка состојба. Побараа Владата под итно да им помогне, во спротивно најавија дека дел од нив ќе стават клуч на врата и дека до Нова Година ќе поделат откази на вработените. За потсетување големите компании во Македонија, струјата ја набавуваат на слободниот либерализиран пазар, на кој деновиве еден мегаватчас струја се продава за над 700 евра. Цената се зголеми од 400 на 700 евра за само неколку дена изминатава недела.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста