И покрај сите контроверзи, Владата поставува камен темелник на проектот за нови автопати
Помпензна бина со тепих во форма на автопат, говорница со број 8 , хеликоптери на небото, полиција на секој чекор и затворен автопат- сето ова за отворање на табла. Владините министри, коалиционите партнери, пратеници, директори на Јавни претпријатија, амбасадори и министри од соседството направија вистинска забава на наплатната патарина на автопатот Тетово – Гостивар за поставувањето на камен темелникот на Коридорот 8.
На свечениот настан , Премиерот Димитар Ковачевски порача дека изградбата на предвидените коридори, ќе ја направи земјава главна крстосница, а со ова се гледале нивните храбри одлуки .
Денеска започнува силна градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8. Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки како меѓу домашните, така и со меѓународни компании, рече Ковачевски.
Неговиот заменик пак Артан Груби , кој инаку е носител на проектот, беше толку возбуден што дури на себе носеше маичка со бројот 8, а неговиот говор личеше како да добил оскар па се заблагодаруваше на цела Влада.
За важноста на проектот, во нејасно каква функција говор одржа и лидерот на ДУИ Али Ахмети
Меѓу присутните беше и амбасадорката на САД , Анџела Агелер која порача дека ова е важен ден и за САД и за Македонија и проектот е повеќе од обична инвестија и е важна инвестиција за сите земји
Автопатите треба да чинат 1.3 милијарди евра, а со оглед на тоа дека нема проект веројатно и многу повеќе. Рокот за изградба е 5 години, а изведувач е турско – американскиот конзорциум „ Бехтел и Енка “ . Од Компанијата Бехтел порачаа дека се почестени што се избрани за изградбата и проектот ќе придонесе многу за локалното население.
Инаку, најмногу контроверзии околу овој проект е изборот на фирмите и експертите кои ќе го вршат надзорот .22,3 милиони ќе завршат во фирми кои ги тресат скандали, а експертите ќе бидат платени со баснословни паушали. Едната компанија е во сопственост на Бранимир Димитријевиќ кој е баран со потерница во Ерменија за криминал при надзор, а другата компанија Електра солушнс која ќе добие и најмногу пари, најголемо искуство во работењето стекнала со производство на долна облека.
По сите контроверзии кои излегоа во јавноста во врска со надзорот , Обвинителството отвори предмет по допрен глас.
Кристина Алексиеска