Зошто Универзална пламна? – По објаснувањето на надлежните ништо не е појасно

Зошто Универзална пламна? – По објаснувањето на надлежните ништо не е појасно

Не изгорела Универзална сала, туку ѓубре односно градежен шут. Ова го тврдат и фирмата – изведувач и министерката за култура.

Тврдат дека изгорела стара иверица и челик, но на сликите кои ги покажаа на брифинг со новинарите се гледа дека опожарени биле и столчињата и подот.

Нема објаснување зошто, ако станува збор за отпад, тој бил чуван со години а околу него се изведувале градежни активности. Нелогично, но тврдат дека неговото отстранување било планирано во втората фаза.

  • „Тоа е позиција која што требаше да се работи во втора фаза. Реконструкцијата на Универзална сала се работи во две фази, оваа фаза која се запали припаѓа во втора фаза.“ Појасни архитектот кој врши надзор на изведбата, Љубин Макаровски.

И од изведувачот Универзал Балкан и од Министерството за култура вината сега ја лоцираат во градоначалничката Данела Арсовска која, според нив, ја закочила целата работа па затоа на крајот дошло до пожар.

  • „70% е демонтиран материјалот кој што беше во наша надлежност, да го демонтираме и да го исфрлиме шутот. Остана помал дел, кој што, дел е од првата фаза, а дел е од втората фаза. Во Универзална сала изгореа елементи кои треба да бидат дислоцирани од тој објект. Се што имаше некаква вредност, за во музеј или да може да се искористи, уште во 2021 година беше извадено од салата.“ – Порача Лазар Арсовски од фирмата изведувач.

Објектот не бил посебно осигуран, како што првично изјави министерката за култура. Осигурување има фирмата изведувач кое важи за сите објекти на кои работи. Оттаму велат дека со тоа ќе биде надоместена штетата која настанала. За каква штета станува збор и колкав би бил износот засега нема информации. Допрва ќе се проверува дали новата челична конструкција попуштила поради високата температура од оганот.

  • „Таму веројатно ќе има вештачење и ќе мора да се испита новата конструкција. Тоа ќе го направат институти. Дури не се покаже дека материјалот не е нарушен“ – Изјави надзорот Љубин Макаровски.

Изведувачот вели дека во моментот во салата биле присутни три лица, од кои двајца мајстори и чуварот, кои првично се обиеделе да го локализираат пожарот, но, неуспешно.

Инаку, салата не функционира уште од 2017та. Реконструкцијата започна во 2021, непосредно пред локалните избори, но, по промената на власта, запре – бидејќи градоначалничката Арсовска сметаше дека проектот на нејзиниот претходник не бил безбеден.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста