Француската академија на Јордан Плевнеш му ја додели наградата Гран при за животно дело

На предлог на претседателот на Универзитетот Сорбона 2, Пантеон Асас, најстарата француска институција – Француската академија, на македонскиот писател Јордан Плевнеш денес свечено ќе му ја додели Гран-при наградата, што го носи името на Анри Делуен, за афирмација на неговиот творечки опус во Франција и интернационалниот франкофонски простор.

Под „Куполата на бесмртните“ – како што се нарекува Француската академија, во овој момент е церемонијата на која на еминентниот македонски драматург и писател, промотор на франкофонијата и реномиран европски интелектуалец, Јордан ПЛевнеш, како што го нарече претседателот Стево Пендаровски во писмото до Вечниот секретар на Француската академија, Елен Карер д’Анкос, му се доделува наградата Гран-при, што го носи името на Анри Делуен, за афирмација на неговиот творечки опус во Франција и интернационалниот франкофонски простор.

Во очи на церемонијата на доделување на наградата Гран при за животно дело на Јордан Плевнеш, за која иницијативата ја поднесе токму Универзитетот Пантеон Асас Сорбона 2, каде што Плевнеш веќе пет години одржува серија на предавања за светската драматургија и театар во рамките на постдипломските и докторски студии, претседателот Стефан Бракониер ја истакна големата сатисфакција на оваа институција од тој академски чин кој ќе ја продолжи со нови творечки достигнувања долгогодишната високо-образовна соработка меѓу француските и македонските универзитети.

Како што е познато, Плевнеш живее и твори во Париз повеќе од три децении, каде што беше и амбасадор на Република Македонија, Тој е автор е на десетина драмски дела пишувани на француски јазик и играни во Европа и во светот.   

Неговата драма „Среќата е нова идеја во Европа“ за која пишувале водечките светски медиуми Њујорк тајмс и Гардијан, во рамките на Балканската трилогија, заедно со делата на Данило Киш и Мирко Ковач, е играна во 120 театри во Франција.

Плевнеш е автор и на два романи на француски јазик, од кои првиот Осмото светско чудо е објавен од Table ronde – Gallimard, а вториот роман, Романот за Тајната книга, кој заедно со македонско-францускиот игран филм е претставен на голем број водечки фестивали во светот.

Плевнеш исто така перманентно објавува авторски текстови во Ле Монд, Ле Фигаро, Ла Кроа, Либерасион, и во врвни научни списанија. Неговите текстови и драми се објавувани и поставувани во поголем број членки на Интернационалната организација на франкофонија.

Во француската ревија Документасион Франсез, Плевнеш е автор на обеменото научно истражување за покренувањето на дваесеттина ревии на  француски јазик во европските метрополи, од страна на македонската интелигенција, која сонуваше за македонска самостојна држава во заедничкиот европски дом.

Во контекст на доделувањето на наградата на Јордан Плевнеш, Универзитетот Пантеон Асас Сорбона 2, објави специјална брошура посветена на македонскиот драматург и писател, на чии осумдесет страници се прави осврт на неговото творештво дело. 

Тони Гламчевски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста