„РЕК“ Осломеј по повеќе годишна пауза започна со работа
По повеќе годишна пауза термоелектраната „Осломеј“ во Кичево започна со работа. Со тоа, домашното производство на струја се засилува, покрај капацитетите во „РЕК“ Битола. Вклучувањето на термолектраната, информираат од „ЕСМ“, се врши претпазливо со оглед дека таа подолг период не работеше. Планирано е да работи до април следната година.
- Со оглед на тоа што термоелктраната е вклучена по одредена подолга пауза и по извршен ремонт од еден месец, се работи внимателно и се проверуваат сите делови на постројката, велат од „ЕСМ“.
Но сепак, пуштањето во употреба на „Осломеј“ не значи дека е решен проблемот со недостаток на струја. Кризата се уште постои, а со негово повторно проработување само ќе се ублажи ударот во енергетскиот сектор.
Досега за овој производен капацитет се набавени 130.000 тони јаглен, а до крајот на следната година предвидено е да се транспортираат уште 170.000 тони. „Осломеј“ има капацитет од 110 мегавати и последните години не работеше поради недостиг на јаглен.
Поскапувањето на струјата ќе биде неизбежно, но долговите што се трупаат ќе ги плаќаат граѓаните, вели за Алфа професорот Константин Димитров, по најавите дека струјниот шок силно ќе удри врз грбот на народот. Според него, секое поскапување е дополнителен трошок за домаќинствата кои се над 60%.
Колку за илустрација, во последните години цената на струјата се држи под нејзиното реално ниво, а трошоците за производство константно се зголемуваат како резултат на купувањето јаглен од страство кој е значително поскап од домашното производтво.
- Нема да не прашаат нас, ама ние имаме ниски примања ама цената расте. Ова е роба која има меѓународна или европска цена, регионална цена која зависи од пазарот и берзата. Таму ја купуваме, таму ја плаќаме поскапата електрична енергија, онаа која што не можеме да ја произведеме, вели Константин Димитров.
Инаку, производната цена на струјата на „ЕСМ“, која е еден од главните критериуми за цената на домаќинствата – од сегашните 36 евра, најверојатно ќе порасне на 45 евра за мегават час, што е зголемување од околу 20%. Зголемување ќе бара и државната „МЕПСО“, но компанијата засега сѐ уште анализира.
Инаку, Македонија од 9 ноември е во енергетска криза. На компаниите досега им беа вбризгани 65 милиони евра за покривање на трошоците кои ги имаа изминатиов период. Надлежните најавија дека ако е потребно, ќе има и дополнителна финансиска помош.
Владата веќе ја задолжи „ЕСМ“ да набави мазут и за ТЕЦ „Неготино“ – по што со работа би започнал и овој комбинат.
Борис Грујоски