Лекари препорачуваат рестриктивни мерки за да се спречи ширење на „Омикрон“, здравствените власти се уште се спокојни
Светот во паника од новата омикрон мутација на корона вирусот. Но, властите во земјава засега не зборуваат за нови заштитни мерки и покрај тоа што опасниот сој се повеќе се доближува до Македонија. Вчера првиот случај беше детектиран и во Грција. Лекарите алармираат дека токму сега е време за нови рестриктивни мерки, особено контрола на границите како што тоа го прават останатите земји во светот.
„Јас би ги земал Велика Британија и САД. И двете направија систем на контрола на влезот на патници од земји кои што се во црвена зона, да мора кога ќе влезете во државата да одите во задолжителен карантин и покрај тоа што ќе се тестирате со ПВР тест, и доколу ви биде негативен или доколку сте вакцинирани или доколку сте прележани да мора да отдете одредено време во изолација за да го заштитите останатото население од трансмисијата. Мислам дека тоа е исправниот начин. Дозволувањето на нешто непознато, толку лесно да се пренесува во околината е една опасна игра која треба да ја избегнуваме“, вели доктор Злате Мехмедовиќ, специјалист по медицина на трудот.
Докторите алармираат дека корона вирусот повторно зема замав, а показател за тоа вели е бројот на новозаразени случаи кои полека почнува да расте.
„Состојбата е сеуште сериозна, не можеме да кажаме дека сме во мирен епидемиолошки период. Ова е период во кој мора да бидеме внимателни буквално на секојдневно ниво, бидејќи јас кажав дека влоѓувањето на оваа ситуација може да биде практивно во период од 24 часа, не мора да биде тоа постепено, туку може буквално во 24 часа да имаме дуплирање на бројките“, додава Мехмедовиќ.
Во меѓувреме, од Светската здравствена организација велат дека мерката за затворање на границите која ја усвоија некои земји би можела да го одложи влегувањето на вирусот и на здравствените власти да им обезбеди доволно време за да се подготват за новиот корона бран.
Јужноафриканскиот центар за епидемиолошко моделирање, каде и прв пат беше регистрирана омикрон мутацијата, потврди дека ризикот за повторна инфекција е за три пати поголем, бидејќи омикрон имал способност да го избегнува имунитетот дури и кај оние кои претходно ги прележале Алфа и Делта варијантите.
Биљана Божиновска