Штрајк на административците – синдикатите обвинуваат за притисоци

Административците започнаа штрајк. Велат дека не отсапуваат, се до исполнување на сите барања – рамномерен раст на сите плати и подобри услови за работа. Синдикалците се жалат и на пристисоци од власта.

Празни канцеларии и шалтери, исклучени компјутери, револтирани административци. Вработените во Катастар, Фондот за здравство, ПИОМ, локалните самоуправи, министерствата, судовите, обвинителствата, и во сите јавни институции го почнаа најавениот двочасовен протест.

Ваква беше сликата денескска од 10 до 12 часот, каде вработените во јавниот сектор го изразуваат своето незадоволство. Револтирани се од игнорантскиот однос на владата.

13.000-те вработени во државната администрација не работеа, туку протестираа пред институциите. Бараат ниту една плата да не биде под минималната од 18.000 денари како и усогласување на останатите плати.

Првиот човек на УПОЗ Трпе Деаноски вели дека вработените со години немаат добиено никакво зголемување на платите. Тој обвини за притисоци во одредени јавни институции. Испрати порака дека никој вработен не смее да биде казнет за тоа што протестирал.

  • Нема да дозволиме ниту еден вработен да биде казнет. Сите понатамошни чекори на незадоволство ќе ги правиме на тој начин за ниту еден вработен да не биде засегнат со плата, бидејќи тоа се чека. Да излеземе на штрајк и потоа да ни ги скратат платите. Ако треба, ќе измислиме нови начини на прекин на работа само за да ги заштитиме вработените, рече Деановски.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски во изјава за медиумите обелодени дека во одредени институции има притисок врз вработените поради што тие не се надвор од работните места, но се организирани и протестираат со прекин на работата внатре во институциите.

  • Не бараме многу. Бараме линеарно зголемување за сите плати за 2.806 денари, исплата на минимална плата по закон и потоа корекција на платите на сите вработени кои треба да добијат над минималната плата. Ситуацијата не е одржлива. Сите вработени добија под минимална плата. Редно време е Владата да најде средства и да ги зголеми еднаш за секогаш платите во администрацијата, рече Деановски.

И од ССМ бараат итно зголемување на сите плати. Од хигиеничар до директор, сите да добијат по 2.806 денари. Според претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, треба да се усогласат барањата на синдикатите.

  • Барањата не се исти. Ние имаме барање за линеарно зголемување за сите вработени за 2.806 денари. Прво треба да ги усогласиме нашите барања, изјави Димовски.

Протестот на вработените во државната администрација продолжува и утре. Граѓаните и в петок кои ќе дојдат да завршат работа во институциите ќе наидат на затворени врати од 10 до 12 часот. Синдикалците велат ако владата продолжи да ги игнорира, протестите ќе се засилуваат.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста