Случаите за несреќите во Бугарија, Ласкарци, модуларната болница тапкаат во место – ќе има ли некогаш правда во државава?

Кои се причините и кој е виновникот за трагичната сообраќајка во Бугарија која одзеде 45 животи – институциите се уште немаат одговор. По пет месеци, агонијата на семејствата на жртвите и натаму трае, а реагираат дека не само што нема правда за нивните роднини – туку и дека власта им ја отежнува болката. Гневот порасна уште повеќе, откако во Собранието, беше откажан состанокот на анкетната комисија, на која точки на дневен ред беа несреќата на автопатот „Струма“ и пожарот во модуларната болница во Тетово. Кај семејствата се појави сомнеж дека со ова, некој сака да ја сокрие вистината.

Сега кога веќе ги немаме нашите најблиски, ја бараме само вистината и правдата. За таа цел побаравме Анкетната комисија во Собранието да одржи состанок за човековите права и слободи. Но, денеска добивме одговор дека оваа средба. Ние ја бараме само вистината и правдата, а таквите одлуки ги цениме како обид да се сокрие истото. Денес, господинот Џафери уште повеќе ни ја отежна болката и јавно го прашуваме зошто му смета вистината, кого сака да заштити и зошто не дозволува собраниска истрага, стои во дописот до медиумите – реагираат семејствата на загинатите.

Иако беше одземена лиценцата за работа на агенцијата БЕСА транс, јавноста никогаш не доби одговори, како автобуси на оваа агенција повеќе од 100 пати ги поминале македонските граници, без да бидат евидентирани, односно возеле без лиценци. Дали некој ја штити агенцијата па си работи од сенка, е прашање кое останува отворено, ако се земе предвид дека во телефонски разговор со вработен во Беса Транс, ни беше кажано дека имаат аранжмани и ни испратија контакт од агенцијата Ројал травел.

Правда нема ниту за семејствата на 14те пациенти кои загинаа во пожарот во модуларната болница во Тетово.  Уште се чека на Обвинителството да донесе конечна одлука дали некој кривично ќе одговара. За сега се знае само дека причината е продолжниот кабел. Граѓаните во септември минатата година преку мирен марш бараа одговорност за трагедијата, а јавноста и ден денеска чека одговори.

Поминаа повеќе од три години од несреќата кај Ласкарци, каде 16 патници ги загубија животите а 35 имаа тешки повреди – судскиот процес во кој треба да се утврди вината за традегијата и причините се уште трае и нема судска разврска.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста