Мицкоски е подготвен да разговара за бришење на ставката 20% од Уставот, но да се укине и гласањето според Бадентер

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против да се разговара за ставката „20%“ од Уставот која се однесува на Албанците, но тогаш би требало да се укине и гласањето според бадентер, кое предвидува задолжителна вклученост на останатите етникуми за да се донесат одредени закони.

-Луѓето треба да напредуваат затоа што имаат квалитети, компетенции и знаење, без разлика на која етничка заедница припаѓаат или не припаѓаат. ВМРО-ДПМНЕ е за градење на општество за сите луѓе, каде квалитетот и компетенциите ќе се ценат и ќе бидат единствен начин за напредок.Подготве ни сме да разговараме за менување на системот на квоти, укинување на проценти, на бадентерот, балансерот, за една изборна единица. ВМРО-ДПМНЕ е за систем кој ќе се темели на вистински вредности, нагласува Мицкоски.

Мнозинство по Бадентер во Македонија се користи уште од 2001 година, по завршувањето на тогашната криза. Ова се поврзува со одредени закони во локалната самоуправа, културата – со цел да се олесни меѓуетничкиот дијалог во општеството, а носењето на одлуките да биде поддржано и од малцинските етнички заедници. Доколку се отвора Уставот и се менуваат процентите, според Мицкоски би требало да се укине и овој начин на гласање.

Идејата да се тргнат 20-те проценти во дефиницијата за Албанците во Уставот прво дојде од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој пред една недела рече дека имало добра волја од сите страни за оваа промена, односно дека би ја поддржале сите албански лидери.

Дека нема ништо против, вчера истакна и премиерот Ковачевски.

Легитимно е да се побара отворање на Уставот, да се отпочне процес на уставни измени, за кој ќе одлучуваат политичките партии и експертите, рече Ковачевски.

Делот со проценти во македонскиот Устав, кој се однесува на Албанците и можното менување се наметна откако резултатите на пописот спроведен во 2021 година покажаа дека 24,3% од резидентното население се Албанци.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста