Хаос на улиците на Израел: Автомобил влета во толпата, повредени тројца демонстранти

Три лица се полесно повредени кога денеска автомобил налета на насобраните демонстранти во Израел кои протестираат против усвојувањето на спорните реформи во судството.

Локалните медиуми објавија видео на кое се гледа како автомобил налетува на мала толпа на автопатот блокиран од демонстрантите, пренесува Ројтерс. Полицијата соопшти дека започнала потрага по автомобилот и возачот.

Во Израел, голем број граѓани протестираат затоа што Кнесетот претходно денеска го усвои нацрт-законот за реформи во судството предложен од премиерот Бенјамин Нетанјаху. Реформата ги укинува овластувањата на Врховниот суд да поништува одлуки на владата и парламентот за кои смета дека се неразумни и штетни.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека владејачката коалиција во наредните денови ќе и се обрати на опозицијата со цел да ги обнови разговорите за спорната судска реформа што денеска ја усвои Кнесетот.

Нетанјаху нагласи дека до последен момент се обидувал да постигне компромис со опозицијата, но оти, според него, опозицијата ја одбивала секоја понуда. Тој додаде дека разговорите ќе продолжат за време на летната пауза во Кнесетот, па дури и до ноември, пишува „Џерусалим пост“.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста