Стратешкиот договор го собра македонскиот владин врв во Вашингтон

Во Вашингтон се одржа првиот состанок од процесот за Стратешки дијалог меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија, и по тој повод Владите на двете земји објавија заедничка изјава во која се истакнува дека дијалогот е фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство.

Една од целите на стратешкиот дијалог е да се искорени и корупцијата во Северна Македонија, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Ескобар рече дека со македонските партнери за време на стратешкиот дијалог во Вашингтон зборувале и за политички и воени прашања, култура, образование и други теми од заеднички интерес на двете држави.

„Значи, целата идеја на овој стратешки дијалог е Северна Македонија и САД споделуваат уникатен однос што е граден не само врз основа на заеднички интереси, туку и на заеднички вредности. Во текот на последните неколку години, решивме дека треба да се здружиме во овој формат за да најдеме начини за продлабочување на стратешките односи низ целиот опсег на билатерални односи. Тоа вклучува политички, воени, економски, култура, образование и речиси сè друго што можеме да замислиме. Така, како најнова членка на НАТО, Северна Македонија веќе има многу придонесено. Затоа, бараме начини на кои можеме да работиме заедно за да помогнеме во решавањето на некои од прашањата на Балканот, некои од билатералните прашања и некои од глобалните прашања за тоа како можеме да работиме заедно“, рече Ескобар.

Европската Унија треба да размисли да ја промени политиката на вето по бугарската блокада. Обединета Европа не треба да се изгуби поради препукувања со вето и билатерални разлики. Правото една земја-членка да блокира влез на друга држава поради сопствени интереси го кочи исполнувањето на целите што се од витален интерес на Унијата, но стратешкиот дијалог меѓу македонската и американската влада не може да го компензира членството на државата во Европската Унија, рече за Гласот на Америка демократскиот конгресмен Дејвид Прајс.

„Пријателството и поддршката на САД се исклучително важни и ние сме дел од тоа преку парламентарниот ангажман. Но, ЕУ е исклучително важна, како и интегрирана Европа, каде што земји како Северна Македонија можат да бидат дел од Западот и да промовираат демократија, но и да промовираат просперитет и економски развој во сопствената земја, и да ги имаат овие врски на економски односи, трговија и така натаму, е многу важно“, рече Прајс.

Тој е скептичен за предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон да се формира европска политичка заедница надвор од ЕУ, во која ќе бидат вклучени и кандидатите за членство во Унијата.

Според Прајс, тоа би значело сегментација на Унијата и различни класи на членство.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја предводеше владината делегација за Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави. Од Министерството за надворешни работи потсетуваат дека Северна Македонија е прва држава од Западен Балкан што отпочнува, како што велат, ваков значаен процес со САД.

Покрај Османи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во рамки на посетата на САД, меѓу другото положи и венец на Гробот на незнајниот војник на Националните воени гробишта „Арлингтон” во Вашингтон.

Петровска преку овој чин им оддаде почит на загинатите американски војници, во духот на исклучително блиските односи на двете земји, стратешкото партнерство и сојузништво во НАТО.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста