Пожари и невреме во Италија: Во Милано ветерот урна дрвја и откорна покриви, има мртви

Аеродромот во Палермо во Сицилија денеска беше затворен поради шумски пожари бидејќи екстремните временски услови продолжуваат да ја зафаќаат Италија, а силните бури предизвикаа штети и најмалку двајца загинати на северот на земјата.

Аеродромот во главниот град на Сицилија ќе остане затворен до 11 часот по средноевропско време, објави неговиот оператор на Твитер, додека пожарникарите се борат со големиот пожар во блиската област што исто така го наруши локалниот патен и железнички сообраќај.

Инцидентот ги зголеми проблемите на Сицилија во екот на туристичката сезона. Главниот аеродром на островот, Катанија, петти по големина во Италија, беше затворен минатата недела поради пожар во зградата на терминалот и повторно беше отворен само за неколку летови.

Топлотен бран ја зафати јужна Европа, а високите температури донесоа зголемен ризик од пожари и смрт. Во некои делови на источна Сицилија, температурите вчера се искачија на 47,6 степени Целзиусови, што е блиску до европскиот рекорд од 48,8 степени Целзиусови, забележан на островот пред две години.

Италија денеска прогласи црвен аларм во 16 градови поради високите температури. Тука спаѓаат Палермо и Катанија, кои во последните денови имаат чести прекини на струја и вода за кои локалните власти делумно ги обвинија горештините.

Во меѓувреме, невремето во Милано во текот на ноќта откорна покриви и корнеше дрвја, блокирајќи ги патиштата и попречувајќи го површинскиот транспорт во финансискиот главен град на Италија.

Две жени загинаа вчера и денеска во северните провинции Монца и Бреша кога врз нив паднаа дрвја. Вчера авион на американската Делта на летот за Њујорк, кој полета од миланскиот аеродром Малпенса, беше сериозно оштетен во градно невреме и принудно слета во Рим.

Италија е една од најпогодените европски земји од климатските промени, а во мај претрпе смртоносни поплави.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста