Нема нови капитални проекти, Министерството за култура го реновирало она што веќе е изградено

Нема изградба на нови театри, кино сали, културно-младински центри, односно нема никакви нови капитални проекти во културата. Она што го има – е само реновирање на веќе постоечките. Ова го призна и министерката Бисера Костадиновска Стојчевска која не кажа што би се градело, туку само го повтори истиот одговор од претходно, кризата си го направила своето.

Нема нови објекти, но има нови институции. Неодамна беа формирани Националните установи „Музички театар“ во Тетово, „Камерен оркестар“ во Битола и Меморијален Музеј во Смилево. Министерката вели дека имало потреба за тоа, но не кажува како се наоѓаат пари за новите институции, кога за дел од постечките се кратат средствата.

  • Владата, на предлог од Министерството за култура, ја усвои информацијата за потребата од основање три национални установи од областа на културата. Станува збор за новите национални установи: „Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, „Музички театар“ во Македонија – Тетово и „Камерен оркестар на Битола“ – Битола.

Негрижата за она што веќе го имаме се гледа на терен. Срамнет е со земја споменикот на културата – објектот „Шар“, лоциран во Старата скопска чаршија. Кој дозволил да се урне овој објект кој се смета за културно наследство и што ќе се гради на негово место, одговор нема ниту министерката за култура.

Овој објект позади мене е срушен до темел, што ќе никне на негово место, за сега не се знае. На негово место никнува нов објект без да има табла со информации за градбата.

Дека објектот е срушен незаконски и без потребните дозволи, признава и министерката, и вели дека сето тоа било пријавено во МВР.

Таа на денешната прес-конференција во одговор на прашање потенцираше дека објектот „Шар“ е под надлежност на Управата за културно наследство и разговарале со директорот на Управата, бидејќи е незаконско рушење и незаконска е градбата на нов објект.

  • Објектот „Шар“ е под надлежност на Управата за културно наследство, но тоа не значи дека Министерството за култура не е во тек со тоа што таму се прави. Исративме соодветна пријава до МВР и сега МВР треба да постапи за сега ние понатаму да можеме да видиме, да се преземат соодветни мерки во однос на тоа кој се осмелил да руши и да гради наново без никаква дозвола, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Според нормите, за ваквиот прекршок е предвидена кривична одговорност, велат од Министерството за култура. Управата, почитувајќи го Законот за културно наследство, ќе побара враќање на објектот во првобитната состојба.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста