На уште нефрлена лопата коридорите 8 и 10 чинат над 300 милиони евра

Македонија веќе трпи штети од договорот со Бехтел и Енка. Поради непочитување на одредбите само досега ќе мора да се платат пенали од 53 милиони евра, а доспеаните обврски веќе достигнуваат 300 милиони иако се уштениту е фрлена лопата, ниту е закована шајка.

Ова го велат од ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на партијата Мицкоски, придружуван од потпретседателот Мисајловдски и членови на Извршниот комитет, на брифинг со новинарите презентираше суштински делови од она што македонската Влада го потпишала со американско – турскиот конзорциум.
Од опозициската партија велат дека целиот проект ќе чини најмалку 2 милијарди евра.

  • „Во делови од договорот има ставки за кои нема цена односно пишува „ќе биде дефинирано“. Тоа се трошоци за релокација на постоечки објекти, за системот за телекомуникации, за звучни бариери, за контрола на сообраќајот, за изградба на патарини, за електрификација и осветлување на патот и на тунелите, за вентилација на тунелите, за противпожарна заштита и слични ставки.“ – Појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека граѓаните ќе ги платат новите автопати по нереално високи цени. Прават спореба со досега изградените автопати, па така, за ископ на подповршинска земја, „Бехтел и Енка“ ќе наплаќаат по безмалку 9 евра квадрат, а домашната компанија „Гранит“ за истата работа неодамна наплатиле само 4 евра. Компанијата „Актор“ за изградбата на автопатот „Демир Капија – Смковица“ наплатила по околу 5,5 милиони евра за километар, а американско-турскиот конзорпциум ќе наплаќа по 20 милиони евра.

Но, не се само нереално високите трошоци. Во договорот се предвидени и пенали, ако Македонија навремено не ги испорача своите обврски, односно, да промени дузина закони.

  • „Поради неизгласаните законски измени државата веќе мора еднократно да плати 53 милиони евра. Поради ова, државата исто така ќе му плаќа на изведувачот и пенали од 1.2 милиони евра секој месец до завршување на проектот. Дополнително, предвидено е уште 900.000 евра да се исплаќаат секој месец се додека не се промени законот.“ – Информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Овој договор ќе ја доведе Македонија во должничко ропство, предупредува опозициската партија. Оттаму велат дека премиерот и вицепремиерот веројатно воопшто и не го прочитале пред да го потпишат.

  • „Ваков договор на македонските влади од страна на „Бехтел и Енка“ им е нуден уште од 1999 година, но ниту една Влада, се до оваа не прифатила договор под вакви невозможни услови.“ – тврдат од ВМРО-ДПМНЕ

Од опозицијата велат дека тимови на партијата ќе продолжат да го обработуваат договорот бидејќи е многу важно да се види кои се обврски биле преземени од страна на Владата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека документите им ги дале свиркачи, а на нив никаде не пишува дека се деловна или државна тајна.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста