„Драмски“ веќе не личи на „Драмски“, театарот запуштен како никогаш до сега, менаџментот нема време за изјави

Најдобра слика дека се распаѓаме како систем, е распадот на дел од најзначајните објекти од културата. Минатата Влада извади проект за нов изглед на Култниот „Драмски театар“, но до денес, не само што не се направи, туку Драмски пропаѓа. И тоа не само на изглед, туку и содржински. Објектот е безмалку руиниран; Најпознатото скопско бифе и воденицата на „Драмски“ со месеци се затворени, а репертоарот е празен. Алфа се обиде да добие објаснување од директорката, но таа немаше време за нашата екипа.

Обраснат со трева и запуштен како никогаш до сега, слика која личи на се, само не на културна институција. Вака денес изгледа „Драмски“ театар – Скопје, кој некогаш беше симбол на Градот во кој израснале генерации и генерации актери. Но сега, како да се сменило времето, глетката тажна, празно, искршен плочник, речиси никаква инфраструктура околу објектот. Бифето повеќе од половина година е вон функција, воденицата која по која беше препознатлив Драмски е речиси распадната, а околното зеленило речиси исушено. Едноставно, сликата наликува како од минатиот век.

Граѓаните се револтирани од лошата слика на театарот, која како што велат, го нагрдува и Скопје, но и општина Карпош.

  • Катастрофа, ова се распаѓа, не само Драмски, тоа и државава ни се распаѓа, па никому ништо. Овде пред 6 – 7 месеци имаше вода, кафетерија, сега води, нема кој да ги навади растенијава, мизерија, реагираат старите скопјани, зашто пред нивни очи пропаѓа се, немоќни да сменат нешто.

Го нема џагорот пред маалското бифе кај Драмски, кое со месеци не работи. Актерите, но и вработените ако сакаат надвор да испијат кафе, нема кај да седнат, освен пред маркетот спроти театарот.

Алфа се обиде да стапи во контакт со менаџментот на Театарот, но попусто. В.д. директорката на Драмски, Викторија Рангелова Петровска, имала многу состаноци и не можела да најде време за медиумите.

Добар ден, добар ден. Директорката дали е на работа денеска? Од ТВ Алфа сме за изјава да снимиме за Театарот. Да тука е, сега ќе ја известам, рекоа од институацијата, ама останавме без одговор од неа.

Директорката на Драмски барем денеска не беше расположена за коментар да каже во каква состојба се наоѓа институцијата со која раководи.

Ако се отвори сајтот на Драмски, може да се види дека на репертоарот нема ниту една театарска претстава. Останува нејасно, зошто надлежните го запуштија драмски до степен на непрепознатливост, а менаџментот нема време или не сака да објасни. 

Инаку, старата зграда која секој ден се повеќе пропаѓа и се уништува, освен што е оставана на временските влијанија се почесто е мета на оштетувања однадвор, а во последниве месеци се уништува и внатре. Во каква состојба се малата и големата сцена не можевме да видиме, зашто не ни беше дозволено да влеземе внатре, ама уште од влез, можеше да се види дека состојбата не чини.

Колку за потсетување, Драмски театар уште во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ го презентираше избраниот проект за идејно решение за изградба на нова театарска зграда. Ама до ден денес, нема никакви најави за нова зграда на Драмски театар.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста