Доверливите документи во домот и канцеларијата му го загорчија животот на претседателот Бајден

Изминатата недела за Белата куќа беше тешка откако беше објавена веста дека документи со доверливи ознаки од време на администрацијата на Обама и Бајден беа пронајдени во домот на Бајден уште на 2-ри ноември, пред конгресните избори.

За оваа правна работа, би ве упатила до адвокатската канцеларија на Белата куќа. Нема да навлегувам понатаму“, рече Прес секретарката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Прес секретарката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, вети транспарентност, но одби да даде детали, повикувајќи се на тековната истрага на Одделот за правда.

Експертите велат дека погрешното постапување со доверливи документи е чест проблем во земја каде што неколку милиони службеници имаат безбедносни сертификати. Но, прекршоците обично се решаваат административно.

„Изложеноста на правната одговорност кон претседателот Бајден е мала се додека не се променат фактите. Таа порака е најважна сега. Фактот што тие го затаија второто пронаоѓање документи во резиденцијата на претседателот и знаеја дека тоа се случило, затоа што се случило претходно четири недели или нешто порано, тоа беше неверојатен гаф“, рече Марк Зеид, адвокат за национална безбедност.

Минатата недела, јавниот обвинител Мерик Гарланд го назначи Роберт Хур за специјален советник кој ќе ја надгледува истрагата. Поранешниот адвокат беше номиниран во 2017 година од тогашниот претседател Доналд Трамп, кој исто така е под истрага поради обвинувања за погрешно ракување со доверливи документи. ФБИ пронајде десетици чувствителни записи во резиденцијата на Трамп во Флорида во август, со налог за претрес издаден откако тој со месеци ги игнорирал барањата да ги врати.

Републиканците ги обвинуваат Бајден и демократите дека применуваат двојни стандарди.

„Тој го критикуваше претседателот Трамп. Дали го искористи Одделот за правда за да го нападне претседателот Трамп? Дали мислите дека тоа беше правилно? Тие знаеја дека ова му се случува на претседателот Бајден пред изборите, но го чуваа во тајност од американската јавност“, рече Кевин Мекарти, претседател на Претставничкиот дом.

Републиканците, кои сега имаат тенко мнозинство во Претставничкиот дом, ветија сопствена истрага, вклучително и за потенцијална штета на националната безбедност.

Белата куќа ја отфрли идејата дека сојузниците се загрижени дека администрацијата не е во состојба да се справи со националните тајни.

„Нашите сојузници и партнери се многу позагрижени за заедничките закани и предизвици со кои се соочуваме ширум светот, без разлика дали тоа е од руската агресија во Украина до агресивноста на Кина во индо-пацифичкиот регион“, рече Џон Кирби од Советот за национална безбедност.

Белата куќа ги отфрли критиките за откривањето на доверливи документи кај Бајден и велат дека Белата куќа внимава на „ризикот“ во споделувањето информации „кои не се целосни“.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста