Или избори или уставни измени, трето нема: Ковачевски во лов на 80 пратеници, на помош ќе го зема и Таравари

Или избори или уставни измени, трета опција по се изгледа не постои за годинава во македонската политика. Власта на секој начин се обидува да обезбеди 80 пратеници за внесувањето на Бугарите во Уставот, а последниот доказ за тоа е се поверојатниот влез на Алијанса за Албанците во Владата.

Арбен Таравари за своите шест пратеници, од Димитар Ковачевски ќе добие најмалку две министерства, здравство и правда, а можеби и она за информатичко општество и администрација, ако Алтернатива реши да ја напушти Владата, јавува ТетоваСот. Покрај тоа би требало да добијат две заменик министерски места, а и директори во Фондот за пензиско, Македонска пошта, Управата за матични книги и Македонски железници, како и позицијата државен правобранител. Би можеле да ги добијат и другите директорски позиции на Алтернатива, во зависност од одлуката на Африм Гаши, дали ќе остане или не во Владата.

Лидерот на Алијанса потврди дека сериозно се размислува за влез во Владата, а главната цел ќе била убедување на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени. Таравари денеска со пратеникот Халил Снопче беше на средба кај американската амбасадорка Анџела Агелер. Првиот човек на партијата изразува надеж дека ова ќе биде почетна точка на блиска соработка меѓу двете земји, без да биде споменат влезот во централната власт.

-Ако добиеме имформации од другите партии на власт дека постои можност за обезбедување на 80 гласови тогаш треба да им дадеме шанса на уставните измени и преговорите со ЕУ. Цениме дека со такво мнозинство ке придонесеме полесно да се убедат и пратеници на ВМРО и целата партија да ги гласа уставните измени. Доколку нема такви шанси тогаш не гледаме причина зашто да бидеме дел од власта, порача Таравари.

Од опозицијата пак не сакаат да слушнат за уставни измени, Христијан Мицкоски бара брзи предвремени парламентарни избори, за кои поддршка како што кажа имало и од рационални пратеници од власта кои и сакале добро на државата. Но, проблем биле заканите кои од криминалното подземје доаѓале до нив.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека имало два типа на закани за кои бил информиран. Едниот директен, во смисла ќе ви се случи лошо вам и на вашите најблиски ако поддржите избори, а вториот преку посредници, на луѓе блиски до тие пратеници, нивни роднини и пријатели. Од опозициската партија бараат власта да престане со закани кон своите пратеници.

-Залудно се трудат да вршат притисок врз било кој пратеник. Тоа е само уште една потврда за недемократските методи со кои се служи на власта. Доколку власта е свесна за своите порази, доколку мисли добро на сите граѓани тогаш без размислување ќе го распушти Собранието или Ковачевски ќе поднесе оставка на целата влада, затоа што тоа е единствениот разумен и логичен исход на ова што ни се случува, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Премиерот Димитар Ковачевски пак го повтори ставот дека предвремени парламентарни избори не доаѓаат во предвид, порачувајќи дека парламентарното мнозинство ќе растело.

-Не само што нема 61 пратеник, не само што пратениците се слободни да одлучуваат така како што сметаат согласно добиениот мандат и позицијата во партијата, сакам да му порачам на Мицкоски дека парламентарното мнозинство ќе биде поголемо од тоа што е денес, изјави Ковачевски

Премиерот директно запрашан дали Алијанса за Албанците ќе влезе во Владата, одговори дека место во централната власт е отворено за секој кој ќе го поддржел европскиот напредок на Македонија, што според власта е поддршка за уставните измени.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста