Откако се поскапе, Владата најавува зголемување на минималецот на 20.500 денари

Откако буквално се драстично поскапе, надлежните најавуваат зголемување на минималната плата. Од идниот месец таа треба да се зголеми за околу две и пол илјади денари, за колку – толку да го следи растот на цените, како што впрочем е превидено и со методологијата за нејзина пресметка.

Минималната плата најверојатно ќе се зголеми за две и пол илјади денари од идниот месец. Ова е резултат на огромната инфлација од речиси 20% што ја имавме изминатиот период бидејќи методологијата предвидува растот на платите да го следи растот на цените.

  • Ќе се реализира најавеното зголемување на минималната плата, како и линеарното зголемување на платите во јавниот сектор. Според најавите на владиниот економски тим во март минималната плата ќе биде околу 20.500 денари и тоа ќе важи и за приватниот и за јавниот сектор и тие средства се предвидени во Буџетот за 2023 година, информира министерот за економија Крешник Бектеши.

Зголемениот минималец треба да значи и покачувања на примањата на останатите вработени, па сите административци би требало да добијат по околу 2 илјади денари повеќе. Министерот за економија вели дека веќе биле предвидени пари во буџетот.

  • Методологијата е целосно усогласена со синдикатите и институциите. Имајќи го предвид зголемувањето на минималната плата, очекувам дека покачувањето ќе биде над 2.000 денари линеарно за секоја категорија во државната администрација. Ако некој се спротивстави на зголемување на платите, мислам дека ќе направи голема грешка, а ако треба да се носи законско решение, најверојатно ќе го поддржат сите политички партии, вели Бектеши.

Бектеши рече дека министерот за финансии Фатмир Бесими ги направил сите проекции и калкулации, иако токму Бесими прво најави, па се пишмани за покачување на платите токму во неговото министерство. Во знак на револт, вработените излегоа на предупредувачки штрајк пред зградата на министерството, зашто не го добиле ветеното покачување. Од Сојузот на синдикати на Македонија за Алфа рекоа дека ќе поднесат пријава против ресорниот министер зашто ги излажал своите вработени.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста