Вонредна владина седница: Македонија испраќа спасувачки тимови и медицински екипи во Турција

Шест милиони денари, медицински персонал, опрема, лекови, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела ќе се испратат во Турција како помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата со големи човечки загуби, повредени граѓани,  материјални штети. Владата одржа итна седница на која ги задолжи министерствата за надворешни, внатрешни работи, одбрана, здравство, финансии, и Дирекцијата за заштита и спасување да ги спроведат мерките за помош. 

Се задолжува Министерството за финансии да подготви и до Владата да достави одлука за одобрување на средства во износ од шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес. Се задолжуваат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, во координација со министерот за внатрешни работи, итно да подготват и до Владата да достават соодветна одлука за испраќање на сили/тимови за заштита и спасување, коишто ќе се вклучат во погодените подрачја – информираа од Владата.

Министерството за одбрана треба да обезбеди соодветна помош во персонал и опрема во вид на механизација, а министерството за здравство да испрати лекари и друг медицински персонал. Владата препорача во акцијата за помош на настраданите да се вклучи и Црвениот крст.

Во санирањето на последиците од земјотрес, се испраќаат вкупно 24 лица припадници на Министерството за одбрана – Армија на Македонија, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили и две лица водачи на службени кучиња, со две кучиња, од Командата за обука и доктрини на Министерството за одбрана – информираа од Владата.

Македонските државјани кои се во погодените подрачја се наоѓаат на безбедни локации но почесниот конзулат, според информацијата од Министерството за надворешни работи, има подготвено планови за сместување, брза медицинска помош и поддршка со храна и пијалоци за наши државјани, доколку за тоа се појави потреба.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста