Опозицијата обвинува за историски преседан: Власта го прекрши Уставот за избор на уставни судии

Прекршување на Уставот и преседан невиден во 30-годишниот плурализам во Македонија. Власта неизгласан комисиски предлог за избор на уставни судии од Комисијата за избори и именувања, си го прати на пленарна седница, што е недозволиво според Уставот и собранискиот деловник. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски обвини дека вакво нешто досега не се случило, поради што и најави интерпелација за првиот човек на оваа Комисија, пратеничката на СДСМ, Марија Георгиевска, но и остави отворена можност да се бара и кривична одговорност од нејзе.

-Можам од денеска свечено да кажам дека оваа власт, единствената работа која остана до сега чиста, а тоа е Уставниот суд успеа да го направи во процедурата неуставен. Расправата по третиот предлог не е завршена, тоа значи дека точката целосно не е утврдена и се постапува неделовнички. Впрочем вистина е дека на седницата на Комисијата се гласа за секој предлог поединечно, меѓутоа конечните три предлози се гласаат заеднички во целина, изјави Мицевски.

Собранието треба да одлучува и за предлог законот поднесен од опозицијата, за здруженија и фондации, поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Со него се предвидува да биде забрането отворањето културни клубови именувани по спорни историски личности, но и со кој веќе отворените клубови би морале да се прилагодат кон новиот закон. Поддршка за овој предлог закон најави дека ќе даде и владејачката СДСМ.

-Апсолутно го поддржуваме правото на слобода на здружување но исто така мораме да застанеме во одбрана на вредностите на кои се темели нашата држава, тоа се антифаштиските вредности, така што секој предлог кој е во таа насока ќе го поддржиме. Денеска се утврдува потребата од носење на такви законски измени, а ние се согласуваме дека има потреба од носење на такви законски измени, изјави пратеничката на СДСМ Санела Шкријељ.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи се надева дека власта навистина ќе остане на својот збор и ќе гласа за овој предлог закон.

-Се слуша по кулоарите на Собранието дека предлог законот за здруженија и организации, кој што беше доставен минатиот петок во 16:30 часот ќе биде прифатен од СДСМ, односно од пратениците на мнозинството. Сепак останува како декларативна изјава за која не сме сигурни дека тоа така ќе се издејствува на самиот крај, изјави Рашела Мизрахи.

Собранието со 94 гласа ЗА го изгласа по скратена постапка законот за финансиска помош на ранливите категории во време на енергатска криза. Со овој пакет мерки ќе бидат опфатени 180.000 граѓани.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста