Втор обид за евакуација на жителите на Мариупол
Нов обид за извлекување на локалните жители во Мариупол. Според новиот режим на затешје, прекин на огнот ќе има до 18 часот, а населението втор ден во паника што побрзо да го напушти градот.
За евакуацијата определени се три локации во Мариупол, а според претходно договореното рутата завршува во Запорожје.
– Авионите прелетуваат и јас само ги затворам ушите. Ова тука, се беше прекрасно, а сега е уништено.
– Беше многу страшно.. мојот помлад син ми трчаше и ми викаше побрзо, побрзо, ќе бидеме застрелани, нема да бидеме безбедни, потоа дојдовме тука, сега тој е исплашен да излегува надвор, сега навечер плаче и се плаши…
Мариупол жителите може да го напуштаат и со приватни автомобили, но треба да ја следат рутата по организираниот превоз од локалните власти.
Си-Ен-Ен јавува дека преминот за евакуација на цивили од областа Ирпин утрово билгранатиран. Според информациите на украинските власти, загинале најмалку три лица, меѓу кои и две деца.
Сличен обид за евакуација на жителите од Мариупол и Волноваха имаше и вчера, но траеше не повеќе од три часа, откако двете страни се договорија за неколку часовен прекин на огнот. Затишјето беше прекинато порано а за тоа следуваа обвинување од двете страни.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во последното обраќање предупредува дека руските сили се подготвуваат да го бомбардираат градот Одеса, на украинскиот брег на Црното Море.
– Тие се подготвуваат да ја бомбардираат Одеса.. Одеса!! Русите одсекогаш доаѓале во Одеса. Тие одсекогаш биле добредојдени во Одеса. Искреност! И сега што? Бомби против Одеса? Артилерија против Одеса? Ракети против Одеса? Тоа ќе биде воено злосторство.. Мораме да излеземе! Мора да се бориме! Секогаш кога ќе се укаже прилика, додаде украинскиот лидер.
Во меѓувреме, УНХЦР соопшти дека ова е најбрзо растечка бегалска криза што имало во Европа по крајот на Втората светска војна. Од почетокот на инвазија врз Украина своите домови ги напуштиле скоро 1,3 милиони луѓе, а следнава недела се очекува тој број да надмине 4 милиони.
Викторија Миткова