Ниту два часа не траеше евакуацијата на Мариупол и Волноваха: Украинците и Русите меѓусебно се обвинуваат за непочитување на прекинот на огнот

Засилени бомбардирања и гранатирања: напад на повеќе украински градови од руската воена страна на десеттиот ден од инвазија врз Украина. Иако синоќа двете страни се согласија на неколкучасовен прекин на огнот, брзо пропадна планот за евакуација на градовите Мариупол и Волноваха. Мал број од локалното население успеало да се евакуира, а се очекуваше барем 15 илјади. Утрото жителите на Мариупол во страв,паника и солзи брзаа да го напуштат градот.

Градските власти за повеќе од 400 илјади жители обезбедија 50-тина автобуси, се евакуираше и со воз.

Моментално сум во Мариупол, на улица сум. Слушам гранати на секои три до пет минути. Хуманитарниот коридор е глупост. Гледам автомобили полни со луѓе кои се обидуваат да избегаат, а сега се враќаат,  изјави за Би-Би-Си Александар, 44-годишен инженер.

Локалните власти јавија дека и за време на извлекувањето на жителите, кое траеше не повеќе од три часа, Русија не го прекинувала гранитирањето.

Ние разбираме дека ова не е вистина за руската страна, тие продолжуваат да го уништуваат Мариупол. Ние одлучивме да ги вратиме нашите граѓани назад, бидејќи не е безбедно на улиците, Сергеј Орлов, заменик градоначалник на Мариупол.


По само краток прекин на огнот градот е повторно на удар од руските воени сили. На жителите им е порачано да се вратат во засолништата и да чекаат информации за следните чекори.

Украинската војска стравува од интензивни напади од руска страна која користи високопрецизно оружје со воздушна поддршка. Руското Министерство за одбрана пак соопшти дека договорот за прекин бил прекршен кога украинските „националисти“ пукале врз нивните војници. Цивилите не ги користеле патиштата за бегство – и ги обвини украинските власти дека ги спречуваат луѓето да си заминат, објавија руските државни медиуми.

Денес, на 5 март, со почеток во 10 часот по московско време, од руска страна е прогласена состојба на прекин на огнот, а отворени се хуманитарни коридори за евакуација на цивили од градовите Мариупол и Волноваха. Хуманитарните коридори и патиштата за извлекување беа координирани со украинската страна, Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.


Украинскиот претседател Володимир Зеленски во последната видео порака вели дека продолжува борбата, но и уверува дека Украинците наскоро ќе се вратат дома, во Украина, бидејќи ќе има прекин на огнот.

Успеавме да спречиме хуманитарна криза на границата. Успеавме да ја организираме ситуацијата така што илјадници Украинки и деца беа третирани достоинствено. Никој не прашува која е нивната националност, каква вера, колку пари имаат. Всушност, ние веќе немаме граница со пријателска Полска, бидејќи сме на страната на доброто, немаме граници. Сигурен сум дека наскоро ќе можеме да им кажеме на нашите луѓе: вратете се! Вратете се од Полска, Романија, Словачка и сите други земји. Вратете се оти повеќе нема закана рече Зеленски.

Викендов се очекува двете страни да седнат повторно на маса за нов, трет дел преговори. Досега,  повеќе од 1,3 милиони луѓе ја напуштиле Украина, од почетокот на војната, соопшти агенцијата за бегалци на ОН.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста