Втор ден на штрајкот на СОНК – ученици во училиштата и деца во градинките речиси и да нема

Сè помалку ученици во училиштата, но и деца во градинките. Ваква е сликата во најголем дел во школите во земјава на вториот ден на штрајкот на СОНК. Училниците празни, училишпните клупи без ученици.

Настава немаше, но наставниците беа на своите работни места. На генералниот штрајк на СОНК бројката од над 25.000 просветни работници пораснала за неколку пати, велат од синдикатот.

  • Да сум искрена, среќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете било оставено пред врата. Најважно е што е пратена пораката до надлежните која е многу јасна – огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта. Расположени сме уште еднаш да ги претставиме пред надлежните и да ги убедиме дека ова што го бараме е издржано и да најдеме заедничко решение, рече претседателката на регионалниот одбор на СОНК за Кисела Вода, Лена Спасеновска Поповска.

Синдикалците очекуваат средба со Владата уште веднаш, иако како што велат, барем за сега нема ништо на повидок.

  • Ние во ниту еден момент не кажавме дека ќе има настава, туку дека училиштето ќе биде отворено, исто како што е отворено во летниот период. Училиштата ќе бидат во ваква состојба се додека не се постигне договор со Министерството за образование и наука. За денеска не е најавена средба со претставници од МОН, така што штрајкот ќе продолжи и утре. Жалам поради тоа, но премногу долго чекавме на разбирање од другата страна, така што ова е единствениот начин во моментов за да ги добиеме нашите барања, рече Спасеновска Поповска.

Бројот на ученици кои доаѓаат на училиште е се помал, велат од штрајкувачките одбори. Според наставниците, тоа е доказ дека родителите се солидаризирале со нивните барања и целосно ги поддржуваат.

  • Морам да сум искрен, притисоците се намалуваат, и тоа е добро, но сепак губиме од настава. Но, ако кадарот штрајкува за нивните права, мислам дека имаат право да штрајкуваат, вели за Алфа Витомир Лазароски, од Управниот одбор на СОНК.

Што се однесува до притисоците за прекин на штрајкот, просветарите велат дека тие се намалиле, но сепак за нив решение е можно само ако се исполнат нивните барања.

  • Утрово нема ни еден ученик. Беше донесена само една ученичка. Меѓутоа кога родителот виде дека е само една ученичка се вратија, односно си ја зеде повторно назад, истакна Мирослав Најдовски од штрајкувачки одбор на сонк во ОУ „Петар Поп Арсов“.

Генералниот штрајк во образовниот процес продолжува И утре. СОНК не отстапува од барањата за зголемување на платите за 18,4% на вработените во образованието, односно нивно усогласување со минималната плата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста