Лиценци, дозволи, технички приеми – во сите фатални несреќи во Македонија голем удел имаат системските грешки

Без лиценци за работа, технички грешки при изградба, превозни компании кои сами вршат технички преглед – низа несреќи, повеќе од стотина жртви и речиси никаква или задоцнета одговорност. Каде затајува државата, откако по последните убиства, сообраќајни незгоди и изгорена модуларна болница, инспекциските надзори отпосле утврдуваат неправилности.

Откако пред само неколку дена до смрт беше претепан ракоментарот Денис Тот пред скопската дискотека Привилиџ, осамна информацијата дека локалот немал лиценца за работа како ноќен клуб. И без соодветна дозвола за работа клубот сепак работел, без никаква интервенција од државниот инспекторат. Откако информацијата ја потврди и министерот за економија, од ДПИ побрзаа да се оправдаат дека знаеле за ситуацијата, ама сега ќе ја истражеле фактичката состојба. Но убиството на Тот е последно во низата кое на површина ги исфрли сите пропусти на институциите…

Приказната со модуларната болница во Тетово која беше кобна за 14 пациенти, уште на самиот старт беше пропратена со низа скандали. Пред да биде пуштена во употреба и самиот технички директор на тетовската болница, потврди дека постојат грешки при изградбата на модуларната болница. За шест месеци колку што беше во функција неколкупати беше во фокусот, откако и по несреќата беше утврдено дека болницата е пуштена во употреба без технички прием. Сите модуларни болници низ земјава се изградени врз однос на посебен закон според кој обврска за технички преглед на готовиот објект нема. За готовите објекти било вршено само примопредавање.

Ниту автобускиот превозник „Беса транс“ немал лиценца за вршење на меѓународниот превоз за патници ниту пак за друг вид на јавен превоз. Но ова се дозна откако нивен автобус кој враќајќи се од Истанбул се запали во Бугарија и живи изгореа 45-патници. Државата и во овој случај се правдаше дека не знаеле за ова, па откако се случи несреќата Министерството за транспорт им ја одзеде лиценцата за работа..

А и по три години од немилиот настан се уште нема одговорност за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени. И овој трагичен настан откри низа нерегуларности за кои државните институции си ја префрлаа топката за одговорност. Компанијата Дурмо турс чиј автобус излета од автопатот, сами на себе преку фирма на истиот сопственик си правеле технички прегледи. Од Министерството за транспорт и врски тогаш сењ правдаа дека немаат надлежност да утврдат дали е дозволено ист газда да има станица за технички преглед и да биде превозник. Велат дека нивната надлежност за „Дурмо турс“ е само административна.

На социјалните мрежи граѓаните веќе бурно реагираат и јавно прашуваат дали треба да се случуваат убиства и несреќи за да се утврдат неправилности во работењето на одредени објекти и компании.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста