Во Друштвото за филмски работници се делеле проекти на синови и внуци

Државната комисија за спречување на корупцијата по пријавата од Надзорниот одбор на Друштвото за филмски работници отвори предмет за злоупотреба на буџетски средства за проекти давани на фирма на синот на претседателот на ДФРМ Игор Иванов и на внук на генералниот секретар на друштвото Томи Салковски. За Иванов ова се само флагрантни манипулации, пренесува МКД.мк.

Во јануари годинава Надзорниот одбор на ДФРМ достави пријава до Агенцијата за филм, до министерката за култура и до Државната комисија за спречување на корупцијата. „Дополнително стасано е известување од Игор Изи Иванов околу целата состојба во однос на пријавата од Надзорниот одбор. Предметот се работи“, одговориле од ДКСКза порталот.

Што пишува во пријавата?

Надзорниот одбор на ДФРМ подолго време се обидувал да ги добие извештаите за материјално-финансиската работа на здружението, но до тие документи не успевал да дојде иако тоа е статутарна обврска на раководството. Откако членовите на Надзорниот одбор со барање за пристап до информации од Агенцијата за филм сепак дошле до тие документи, почнале да се откриваат бројни сомневања за ненаменско трошење на парите, особено оние наменети за фестивалот Златна рамка.

Проверката на Министерството за култура не утврдила никаква злоупотреба на буџетски средства и злоупотреба на функции за тоа како фирмите на синот на претседателот на ДФРМ Игор Ивановски и на внукот на генералниот секретар Томи Салковски биле избрани за одредени услуги за одржување на фестивалот Златна рамка. Од Агенцијата за филм нема никаква информација во врска со ова, а ДКСК отвори предмет.

Нешто слично се случи и со случајот на конфликт на интереси на членови на одредени тела во Агенцијата за филм, за кој Министерството за култура утврди дека нема ништо проблематично, а ДКСК побара и одговорност од тогашниот директор на агенцијата Горјан Тозија.

ДФРМ се финансира со буџетски средства, преку Агенцијата за филм според договор од 7 јуни 2018 година потпишан од Игор Ивановски и директорот на агенцијата Горјан Тозија. ДФРМ добива 120.000 денари месечно, кои треба наменски да се трошат за тековната работа на здружението. Во овој договор пишува дека средствата треба да се трошат за „тековно одржување и организациски развој на друштвото, активности поврзани со членување во други меѓународни организации… унапредување на филмската дејност“, а со анекс е додадено и „…промоција и печатење рекламен материјал, изработка на брошура за филмски работник, изработка на веб-страница…“.

Во извештаите за финансиското работење на ДФРМ има многу ставки и исплати кон приватни лица за кои „Надзорниот одбор не можеше да утврди дали се тие наменски потрошени и дали се согласно потпишаниот договор со Агенцијата за филм“, пишува во писмото на Надзорниот одбор до Министерството за култура и до Агенцијата за филм.

Во извештајот за потрошените пари за фестивалот на ДФРМ се појавуваат и позициите директор и продуцент на фестивалот, во случајот тоа се претседателот и генералниот секретар на ДФРМ, кои за ова добиле по 132.258 денари. Надзорниот одбор прашува според која процедура Иванов и Салковски станале директор и продуцент на фестивалот, за што добиле по 132.258 денари. Собранието на ДФРМ за ова не заседавало.

„Ротко“, фирмата на синот на Иванов, за подготовка и адаптации на печатени материјали за фестивалот Златна рамка добила 153.750 денари. И внукот на Салковски преку фирмата „Црна мачка“ за реклама за фестивалот исто така добил 153.750 денари. Чудни се овие совпаѓања до денар на плаќањата за претседателот и секретарот на ДФРМ (по 132.250 денари) и за фирмите на нивните блиски (по 153.750 денари).

На сето ова, Игор Иванов во писмо и до ДКСК и до Министерството за култура и до Агенцијата за филм вели дека се работи за невидено ниско ниво на комуникација каква што досега Друштвото не памети. Инспекцискиот надзор не утврди никакви неправилности, вели Иванов.

Што се однесува до паушалните и небулозни потцртувања на ставки во извештаите, можам само да ве известам дека секоја ставка и секој денар се потрошени наменски и во интерес на нашата фела и нашето здружение. Детални извештаи со имиња на личности и фирми во ДФРМ постојат од скоро, поточно од 2018-та кога бев избран за претседател, како чекор кон обезбедување вистинска транспарентност и отчетност…. Да се вовлекува целата фела и сите членови на ДФРМ, Агенцијата за филм, Министерството за култура и други институции во личните фрустрации и пресметки на некој што води апсурдна војна со мене и други членови на раководството, притоа да се оспорува работата и експертизите на службите во АФРМ и државната инспекција, е вистинско дно и оттука нема подолу. Од овие причини, како претседател, а со тоа и чувар на нивото и интегритетот на ДФРМ, до претстојното редовно собрание ја заклучувам оваа тема и дискусија, напиша Иванов.

Од него не успеале да добијат изјава за МКД.мк.

Иванов ја заклучи оваа тема, ама не одговори за ангажирањето на фирмата на неговиот син, за ангажирањето на фирмата на внукот на Салковски, а не кажа ништо ни за платените 8.415 денари на интернет страницата на IMDbP (интернационална база на податоци за филмската индустрија, на која ако сакате да има ваша фотографија и биографија, треба да платите), каде што тој лично се промовира како успешен македонски режисер. Со државни пари.

За сите овие сомневања ќе треба да се причека на извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста