Власта го менува концептот за странските инвеститори, нема субвенции за непродуктивност

Државата повеќе нема да дава субвенции на работниците во технолошко-развојните зони, туку  преку посебна програма за развој на вештини ќе се поттикнува продуктивноста, со што би се направил притисок врз компаниите да ги зголемат платите, рече првиот човек на ТИРЗ Јован Деспотовски.

  • Апсолутно сум незадоволен, не само за нивото, туку и од фактот дека просечната плата во рамки на зоните е пониска во однос на просечната плата во рамки во македонската економија. Искрен да бидам за мене беше изненадувачки во негативна смисла тоа што технолошко напредни компании исплаќаат пониски плати во однос на останатите во рамки на економијата, истакна Деспотовски на денешната прес-конференција во Владата.

Дури, 14.100 луѓе во технолошко-развојните зони работат со плата под државниот просек. Деспотовски е незадоволен од висината на платите што им се исплаќаат на вработените, и рече дека бил лично многу разочаран зашто до сега не успеале да ја подигнат продуктивноста на повисоко ниво.

  • Има дел од обврските кои државата си ги презела пред годините што не се реализирани. Тоа не говори добро, ниту за државата, ниту за нејзиниот образ пред инвеститорите. Така што, целта ни е преку професионализација и на овој сегмент на работењето, да им дадеме цел пакет услуги на корисниците. Размислуваме во самите договори да предвидииме посебни клаузили во кои роковите со кои инвеститорите се обврзани да ги исполнат своите обврски, да бидат автоматски пролонгирани доколку се случи одлагање на активностите по вина на државите институции или единиците на локална самоуправа. Ова е уште еден механизам со кој државата, институциите и единиците на локална самоуправа ќе станат доста пооговорни во делот на исполнување на своите обврски кон инвеститорите, потенцира Деспотовски.

Странските инвеститори во зоните имаат обврсика да вработат уште 7.300 луѓе.

Инаку, од зоните се реализираат 45% од вкупниот извоз во државата. За целата 2020 година компаниите од ТИРЗ оствариле извоз од 2,6 милијарди евра, што е пад од 8% во однос на претходната година. Увозот изнесува 2,2 милијарди евра и има пад од 14%, со што извозот од зоните е за 17% поголем од увозот и тоа е поголема покриеност на узвозот со извоз, во однос на годината пред тоа.

Колку за потсетување, ниту една странска компанија не дојде да инвестира во земјава лани, како последица на пандемијата. Компаниите што си одат се оние со кои договорот е раскинат затоа што не почнале навреме со градежните активности.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста