Владата размислува да ја покачи акцизата на нафтените деривати

Повисока акциза за нафтата, помалку пари кај граѓаните. Бизнис секторот алармира – ако Владата го прифати предлогот на Стопанската комора и ја покачи акцизата за два денари, тоа директно ќе удри врз џебот на граѓаните. Од Асоцијацијата на камионски превозници, Макам Транс апелираат Владата да се откаже од намерата за раст на акцизата, оти во спротивно камионџиите ќе мора да донесат тепка одлука – или да ја покачат цената или да ја стопираат работата.

„Ќе дојде до удар на џебот на сите граѓани од една страна. Од друга страна и патничките возила, колку и малку да се движат веќе цената ќе се зголеми трошокот на едно семејство кое сега едвај ќе зима 7000 или 9000 денари или нема воопшто да прима ништо ќе треба да плаќа поскапо и целиот терет на стопанството да се префрли на плеќите на превозниците и на граѓаните. Само нека си замислат и власта и сите граѓани што би се случило ако ние една недела не работиме“, вели Билјана Муратовска од „Макам Транс“.

Реакција има и од Сојузот на стопански комори – велат одлуката се носела во интерес на неколку фирми.

„Акциза во криза. Ептен е солидарна олигархијата, најдоа решение на грб на сите граѓани и малото стопанство, а во интерес на 2-3 фирми што се олигопол во државата“, пишува Данела Арсовска.

Дека Владата размислува да ја прифати идејата на Стопанската комора, потврди и министерката за финансии Нина Ангеловска. Таа вели оти веќе се работи на носење нова уредба.

Од опозицијата обвинуваат дека евентуалното покачување на акцизата граѓаните ќе ги чини 35 милиони евра. Цените на храната и услугите ќе рипнат, малите бизниси ќе стават клуч н врата, а работниците ќе останат на улица.

Ова не е прв пат да се зборува за раст на акцизата за нафтените деривати. Во 2017-тата СДСМ ја покачи акцизата за три денари, а тогаш се правдаа оти целта била да се намали употребата на дизел горивата, а со тоа и енормното аерозагадување.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста