Тутунарите гневни поради неисполнетите ветувања – Запален тутун пред Владата

Попушта трпението на тутунарите. Тие денеска го истурија револтот пред Владата откако се собраа на протест револтирани од неисполнетите ветувања. Јавно прашуваат кога ќе се корегира годинашната, како што велат, катастрофална откупна цена на жолтото злато. Незадоволни се од игнорантскиот однос од страна на власта.

  • Се зема квалитетен тутун и се проценува во пониски класи. Одбитоците се 10 проценти, реагираме дека динамиката на откупот, кој годинавае за три пати помал од лани. Протестот, доаѓа откако и по неколку средби што ги имаа со претставниците на Владата и откупувачите и добиените ветувања, нивните проблеми не се решени, рече Игор Мирчевски, тутунопроизводител.

Тутунарите сакаат откупот да продолжи, но по пристојна цена. Тој нема да запре бидејќи во услови на криза тоа ќе предизвика уште поголема катастрофа. Тие посочуваат дека имаат уцени и притисоци за да се откажат од денешниот протест, но посочува дека нема да потклекнат.

  • Од самиот старт на откупот, ние сфативме дека ова е игра. Значи, се земаат квалитетени тутуни во пониски класи, одбитоци од огромни 10 проценти, динамиката е слаба на откуп, ланската година се откупуваа по 1.200.000 кг на ден, а сега по некои 400-500 тони на ден. Затоа ние одлучивме – протест пред Владата за конечно да каже премиерот дали има решение за нашите проблеми или нема, вели Игор Мирчески, од ИО на незадоволните тутунари.

Инаку македонските тутунари, досега не влегоа во ниту еден пакет-мерки на Владата, заради што бараат барем зголемување на субвенциите, бидејќи како што велат, откупот на тутунот, и покрај досегашните преговори со сите релевантни фактори, вклучително и со премиерот, и понатаму се одвивал по старата шема.

Годинешнава реколта изнесува околу 23.000 тони, од кои досега се продадени близу 7.000 тони тутун. Просечната цена за т.н. жолто злато изнесуваше 220 денари за килограм. Од Владата се свесни за проблемот, но не гледаат причина за радикализација.

Дополнителен проблем кој создава притисок е и состојбата на глобалниот пазар, кој среде пандемија резултира со пад кај тутунската индустрија од 25% до 30%.   

Борис Грујоски