Скопје во 2021 бил втор најзагаден главен град во Европа, а Македонија е на 34. место од вкупно 117 земји
Скопје е вториот најзагаден главен град во Европа, покажа годишниот извештај на швајцарската компанија IQ Air. Македонската метропола се најде на 25-тото место во споредба со главните градови во светот според аерозагадувањето со ПМ честички во 2021 година. На 24 место, Сараево е единствениата европска престолнина која е рангирана полошо од Скопје.
Екологистите велат дека последниве години има благо подобрување во поглед на загадувањето, но и дека останува уште многу работа.
Филип Стојановски од центарот за климтаски промени вели дека квалитетот на воздухот се подобрува, како и тоа дека најголем загадувач е затоплувањето на домовите и административни објекти, додека со 12% учество е производството на енергија, додека пак останатите 30% се сообраќајот, индустријата и земјоделието.
Од светските главни градови најлош квалитет на воздух има Њу Делхи во Индија, по што следува Дака во Бангладеш и Нџамена во Чад. Од поголемите светски метрополи најквалитетен воздух бил регистриран во Канбера, Австралија, Хелсинки во Финска и Талин во Естонија. 93 градови имале концентрации на ПМ 2.5 честички кои биле дури 10 пати повисоки од препорачаната граница.
Во однос на загадувањето на ниво на држава, Македонија се најде на виското 34-то место од вкупно 117. Со просечна годишна концентрација од 25.5 микрогрми на кубен метар ПМ 2.5 честички, земјава е помеѓу најлошите во регионот. Подобри се Албанија, Словенија, Косово, Бугарија, Грција и Хрватска.
Единствено поголемо аерозагадување било регистрирано во Србија, Босна и во Црна Гора, која е убедливо најлоша во окружувањето.
На светско ниво, најзагаден воздух минатата година имало во Бангладеш, Чад и Пакистан, додека Нова Каледонија, Девствените Острови и Порторико имале најчист воздух.
Извештајот покажува и дека ниту една држава не успеала да ги достигне стандардите за аерозагадување на Светската здравствена организација.
Никола Цветкоски