Петтиот сет мерки доцни и се уште се договара, јануари е промаршен месец за бизнисот

Наместо да биде презентиран, власта се уште го крои петтиот пакет мерки за помош на граѓаните и стопанството. И покрај најавата дека помошта ќе дојде на време, сепак и со тоа се доцни. За спас на бизнисите, од Стопанските комори велат дека ликвидноста на компаниите да биде во фокусот, а мерките да бидат насочени кон малите и средните компании зашто тие ги има најмногу во Македонија.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е оптимист дека со него ќе се задоволат бизнис потребите, но колку тој и реално ќе помогне. Ако се суди според реакциите на бизнисот од досегашните четири пакети, тие не ги дале посакуваните резултати.

  • Владата работи на сетови на мерки кои ќе ја придвижат економијата напред. Во претходните, угостителството и туризмот беа сериозно поддржани, зашто државата со уредба го ограничи нивното работење. Во моментов факт е дека угостителите имаат можност да работат, секако следејќи ги усвоените протоколи. Петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата, вели Битиќи.

И додека кризата се продлабочува, од Владата се уште ги договараат предлозите од стопанските комори, по што ќе почнат со реализација. Велат дека ќе бидат опфатени најпогодените сектори, но колку помош ќе добијат, од Владата одговор нема.

Оптимизмот на власта не значи ништо наспроти песимизмот на стопанството, зашто досегашната помош, не ги дала посакуваните резултати. Дека тоа е така велат и текстилците кои се соочуваат со еден куп проблеми и се пред колапс. Бараат државата да не предлага само „козметички мерки“, туку реални, кои реално ќе им помогнат.

Единствени кои седнаа на маса со власта се угостителите, кои побараа сериозна финансиска помош, односно исплата на плати и субвенции за сите вработени во секторот до завршување на пандемијата. Од предложените пет барања, прифатени им биле само пола, а за останатите ќе дискутирале наредниот период.

  • Од нашите пет барања, три се исполнети, четвртото останува да се доработи, а во однос на петтото немаше договор. Месец јануари е на некој начин изгубен по однос на субвенцијата за плати, но тоа државата работи како ќе ги надокнатди во наредниот период, вели Здравко Јосифовски од НУК.

Тој нагласи дека ќе можат да кажат дека се задоволни тогаш кога реално ќе ги добијат мерките.

  • Можеме да кажеме дека првиот чекор кон доброто за угостителската индустрија сме го направиле, вели тој.

Инаку, уште мината недела, економските министри изјавија дека петтиот пакет антикризни мерки за спас на стопанството и граѓаните ќе стигне кон крајот на месецов, но од него се уште нема ништо, освен најава.

Според последните податоци на Агенцијата за вработување, до сега над 6.200 фирми ставиле клуч на врата, а 17.000 луѓе останале на улица.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста