Јужноафриканскиот сој на корона вирусот е пред врата

Јужноафриканскиот сој на корона вирус станува нова опасност за Македонија. Првиот пациент носител на оваа мутација вчера беше регистриран во Грција. Докторите алармираат дека јужноафриканската мутација на специфичен начин го напаѓа имунолошкиот систем, што ги прави вакцините против Ковид 19 помалку ефикасни.

„Јужноафриканската, онаа која што повеќе не плаши варијација, која што ги избегнува нашите одбранбени механизми кои ги создава и модерната вакцина мРНА, како Модерна, како Фајзер… И самите производители најавуваат дека нивните вакцини на овој сој е помала шест пати ефективноста на вакцината“ вели доктор Илче Ефкоски, специјалист по трудова медицина

Ефкоски апелира дека во услови кога во земјава се уште не е почната имунизацијата против корона вирусот, надлежните мора да се насочат кон масовно тестирање на населението за да се детектира евентуален влез на јужноафрикаснкиот сој. Тој вели дека во услови на ширум отворени граници, неопходно е да се воведе задолжително тестирање при влез во земјата.

„Секој кој што влегува на граница би се тестирал, бесплатно, не треба да има никакви трошоци кон граѓаните, се со цел да имаме точна целна група кон која ние ќе се насочиме да ги заштитиме и да ги изолираме штом веќе ги познаваме контактите. Секој вирус и овој вирус можете да го уништите само доколку го пречите на изворот“, додава тој.

Во Македонија веќе се регистрирани тројца пациенти позитивни на британскиот сој на корона вирусот за кој епидемиолозите утврдиле дека за е 70 отсто позаразен и за со близу 30 отсто поголема смртност кај повозрасните пациенти. Британската мутација ја однесе и првата жртва во Македонија – 46 годишен маж кај кој бил дијагностициран овој сој починал во приватна болница четири дена откако бил примен на болничко лекување.

Британската мутација на Ковид 19 ги спушти рампите во дел од европските земји. По Велика Британија која воведе целосен карантин во земјата и Германија го ограничи движењето во неколку покраини. Норвешка и Чешка забранија влез во земјата за странци, а Франција го стопираше влезот на сите патници кои не се жители на земјите на ЕУ.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста