Угостителите се сретнаа со Битиќи – бараат сериозна помош за плати и субвенции од петиот пакет владини мерки

Угостителите конечно седнаа на иста маса со вицепремиерот Фатмир Битиќи. По големите загуби, од новиот пакет мерки бараат сериозна финансиска помош, односно исплата на плати и субвенции за сите вработени во угостителската индустрија додека траат рестриктивните мерки, односно до завршување на пандемијата.

Од предложените пет барања, прифатени им биле само пола, а за останатите ќе дискутирале наредниот период.

НУК денеска го имаше првиот состанок со Владата, односно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

  • Од нашите пет барања, три се исполнети, четвртото останува да се доработи, а во однос на петтото немаше договор. Месец јануари е на некој начин изгубен по однос на субвенцијата за плати, но тоа државата работи како ќе ги надокнатди во наредниот период, вели Здравко Јосифовски од НУК.

Тој нагласи дека ќе можат да кажат дека се задоволни тогаш кога реално ќе ги добијат мерките.

  • Можеме да кажеме дека првиот чекор кон доброто за угостителската индустрија сме го направиле, вели тој.

На денешната средба договориле дека пред презентацијата на мерките кои ќе ги донесе Владата, ќе има уште една средба со Битиќи.

Продолжување на работното време до 23 часот не било тема на разговор. Оставаат простор Комисијата за заразни болести да го даде последниот збор.

Од Владата уверуваат дека ќе успеат заеднички да изнајдат начини прифатливи за угостителската индустрија во согласност со можностите.

Јосифоски смета дека се потребни и дополнителни мерки како – финансиска помош за закуп и користење на деловен простор, законска регулатива во однос на трошоците за урбана опрема во време на пандемија, одложување на принудната наплата на долговите во кризниот период, како и креирање на регистар на угостителски објекти.

Иако пандемијата удри врз сите сектори, најдраматично го погоди угостителскиот сектор, кој буквално клекна на колена, оставен на цедило, без доволна државна помош. Предизвикот сега е како тие да се надоместат, или барем малку да се ублажат за да нема клуч на врата за добар дел од угостителите.

Колкави се досегашните штети во угостителската индустрија, ќе се знае во март, по завршните пресметки.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста