Мирно за продолжениот полициски час

Речиси празни улици со по некоја кола во брзање, без луѓе на улица. Ова е денешната слика од Скопје за време на полицискиот час, за разлика од вчера кога сликата беше поинаква, особено по завршувањето на молитвата во џамиите.

Алфа денеска направи обиколка низ главниот град, од Центар, спрема Чаир, Аеродром, Карпош. Сликата секаде беше речиси иста.

Не беше раздвижено ниту на Плоштадот Македонија каде во моментов се наоѓаме, тоа значи дека граѓаните, односно добар дел од нив ги почитуваат мерките за заштита.

Најраздвижено беше во Чаир, но не од граѓани, туку од работници, каде на главната улица „Цветан Димов“, поставуваа нови водоводни цефки. Работниците ни кажаа дека сакале да го искористат полицискиот час и да сработат што поскоро.

Полицијата ја имаше на скоро секоја раскрсница, правеше контрола, по што ги пропушташе возилата.

Ако возила на брзата помош деновиве можеа да се забележат со вклучени сирени, ова претпладне забележавме само две, но без сирени.

И денеска надвор може да излезат само тие што имаат миленичиња.

Само во текот на изминатото деноноќие МВР регистрирало 104 лица кои не ја почитувале забраната за движење, при што приведени се 76 лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки.

Инаку, на целата територија на државата денеска е во сила забраната за движење, што почна вчера во 11 часот и ќе трае до утре во 5 часот, а со цел спречување на ширењето со пандемијата на Ковид-19.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста