КСС се закани со генерален штрајк ако до средината на март ако не се усогласат платите со минималната

Ако до средината на март не се усогласат сите плати со минималната, ќе има генерален штрајк, алармира Конфедерацијата на слободни синдикати. Тие, заедно со сите Синдикати побараа почитување на законите и на колективните договори согласно кои треба да се изврши усогласувањето. Велат дека ќе се обидат преку социјален дијалог со Владата да го решат проблемот со скалстото зголемување на платите.

  • Оваа криза не настана пред неколку дена со покачување на минималната плата, туку години наназад со претходните покачувања на минималната плата, со непочитување на Законот за минимална плата и на колективните договори од страна на Владата. Потребата од почитување на законите и колективните договори мора да биде денес и сега затоа што ако работниците во јавниот сектор во април ја добијат мартовската плата без усогласување ќе настане голем хаос, рече претседателот на КСС, Благоја Ралповски на прес-конференцијата.

Ако не се направи вакво усогласување, велат, ќе има ситуации во кои неколку позиции различни по коефициент на сложеност, ќе бидат изедначени, а тоа ќе биде погубно за голем дел од работниците.

Во вторникот, веднаш по седницата на Економско-социјалниот совет, испратиле допис до премиерот Димитар Ковачевски и побарале средба за решавање на овој проблем, но дека досега немаат никаков одговор. Членството на синдикатот, како што истакна, секојдневно врши притисок и бара радикализација на идните чекори.

  • Ние му даваме шанса на социјалниот дијалог, но има најразлични барања – директно да се оди на генерален штрајк. Членството се јавува секојдневно, од дента кога беше донесена минималната плата ни се јавуваат да не прашаат дали ќе ги почитуваат колективните договори, истакна Ралповски.

Ако не дојде до договор, ќе се создаде хаос во институциите велат од СОНК.

  • Државата како најголем работодавач на работниците треба да има исти аршини кон сите во јавниот сектор. Веројатно ќе дојде до генерален штрајк во целата администрација каде јавна администрација буквално ќе го парализира функционирањето на државата. Тоа не би сакале да се случи но ако одат работите многу споро и несериозно тоа ќе дојде, рече Јаким Неделков, Претседателот на СОНК.

И од Институтот за економски истажувања „Finance Thik“ предупредуваат на дека бројот на вработени кои ќе примаат минимална плата драстично ќе се зголеми.

  • Со зголемувањето на минималецот на 18.000 денари, близу 170.000 вработени кои примале под тој износ, ќе се изедначат со групата од 18.000 до 20.000 денари, која веќе брои близу 50.000 вработени, велат од Институтот за економски истажувања Finance Thik.

Премиерот Димитар Ковачевски го повтори ставот дека минималната плата важи за сите работници во земјата без разлика дали се во приватен или јавен сектор.

  • Со оглед на тоа дека методологијата е променета и сега учество во зголемувањето на минималната плата  50 проценти има порастот на цените, а 50 проценти порастот на просечната плата што имплицира на зголемување на продуктивноста на трудот, а во однос на сите други плати тие се предмет на колективно договарање. Колективното договарање се прави помеѓу социјалните партнери, во случајот гранкови синдикати, репрезентативни синдикат и соодветните институции без разлика дали се тоа државни институции и приватни институции. Ставот е дека и како што и зборувавме при зголемувањето на минималната плата тоа треба да биде пропратено со зголемување на продуктивноста на трудот, а тоа го прифатија и синдикатите, изјави Ковачевски.

Инаку, скалестото зголемување на платите е согласно потпишаните колективни договори, кои мора да се почитуваат согласно член 8 од Законот за минимална плата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста