Минималната плата во Собрание – власта бара поддршка, Мицкоски бара повисоки плати за сите

Минималецот од 18.000 денари го помина првиот собраниски филтер. Со 101 гласа „ЗА“ и ниту еден против, пратениците од власта и опозицијата дадоа зелено светло Законот да оди на комисиска расправа. Опозициските партии ќе го поддржат законот, но ќе поднесат амандмани со кои ќе бараат да се зголемат и останатите плати. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски очекува поднесениот амандман да биде прифатен. Рече, Владата да ги симне розовите очила и да не се фали дека тука тече мед и млеко зошто никој во тоа повеќе не верува.

Македонија е помеѓу 4-те најсиромашни држави во Европа, покрај тоа што е помеѓу трите најкорумпирани, најкриминални држави во Европа. Потрошувачката кошница на основните прехрамбени и други производи изнесува во декември 35.042 денари, и оваа сума постојано се зголемува. Не се проблем само минималните плати, туку ниските плати кои што се поголем број на луѓе ги добиваат, истакна денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

- Владата мора да има поголемо чувство за потребите на граѓаните. Треба да се симнат розовите очила и да престане да се фали со она во што никој не верува дека тука тече мед и млеко, па дури и дека гастербајтери ќе се враќале затоа што тука со минимална плата се живеело добро, како што велат од владата. Освен дека се во стаклено ѕвоно, се гледа и дека и се фрлени на гол популизам. Не се завршува работата со едноставно зголемување на минималната плата, туку со опсежно зголемување на платите кои мора да бидат усогласени со коефициентот на сложенос на работната сила. И тука не треба посебни формули туку почитување на веќе договореното, на веќе постигнатата согласност со синдикатите и колективните договори кои се на сила. Каква е таа социјална правда кога владата не ги почитува сопствените колективни договори, вели Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека во насока на брзото и ефикасно решавање на потребите на граѓаните, бил и договорот за раст на минималната плата, и следните чекори за натамошни подобрувања на животниот стандард.

- За помалку од месец, покажавме како се работи брзо, ефикасно, квалитетно и одржливо. Имаме високо динамично темпо на работа, во којашто барам резултати. Верувам дека го делите моето објективно мислење дека Владата оствари одличен старт. Сите преземени и најавени обврски, согласно роковите и приоритетите ги започнавме, а дел и веќе решивме, додаде премиерот Ковачевски.
Синдикатите веќе порачаа дека паралелено со поголемиот минималец мора да има скалесто зголемување и на сите плати. Доколку тоа не се случи најавија и протести и штрајкови.
ВМРО-ДПМНЕ амандмански ќе интервенира токму во овој дел. Од СДСМ, пак, засега нема потврда дали би ги поддржале најавените амандмани.

Мицкоски предупредува дека ќе мора да се интервенира и со дотации од државниот во буџетите на општините. Вели дека централната власт свесно ги минира локалните власти и ги намалила дотациите за восипитно образовните институции. Ако до лани во континуитет тие растеле, годфинава по промената на локалните власти тие се осетно намалени:

- А, во овој историски највисок рекорден буџет кој што го донесе владата на ДУИ администрирана од СДСМ имаме намалување на дотациите за 4.000.000 евра и сега тие изнесуваат 312.000.000 евра. Ја повикувам јавноста сама да одговори на прашањето зошто ова се случува? А истовремено ја повикувам и владата на одговорност бидејќи граѓаните не се виновни затоа што тие се неспособни, затоа што се криминални и затоа што наместо да работеа нивните градоначалници се занимаваа со местење тендери, со крадење на граѓаните, не работа и нереализирање на тоа што го ветиле, потенцираше Мицкоски.
Законските измени за минималната плата треба да се најдат на Комисијата за труд и социјална политика, на која ќе има три дена амандманска расправа.
Откако пратениците ќе изгласаат, на околу 80.000 работници платата нема да смее да им биде помала од 18.000 денари, почнувајќи од март. Работодавачите ќе добијат државна помош односно 16 милиони евра директно од буџетот.
Борис Грујоски