Коинциденција или поврзаност? – Убиецот бегалец шетал низ Скопје за време на обидот за ликвидација на Штекли

Коинциденција или поврзаност? – Убиецот бегалец шетал низ Скопје за време на обидот за ликвидација на Штекли

Убиецот бегалец, Зулќуфли Нуредини викан Мали Репки, заради кои паднаа 17 затворски чувари, слободно шетал низ Скопје во периодот кога се случи обидот за ликвидација во „Ист гејт“ на Раде Трајковски-Штекли. Репки се поврзува со криминалниот клан „Беланоца“, за кого се шпекулираше дека стои зад нападот врз Штекли, кој пак се води како член на ривалската банда „Барон“. И покрај ваквата поврзаност, засега Обвинителството и истражните органи не отркиваат дали совпаѓањето на времето на бегство и обидот за убиство е само коинциденција или има поврзаност меѓу двата случаи. „Алфа“ праша во Обвинителството за гонење организиран криминал дали е утврдена траекторијата на движење на Мали Репки дента кога имаше обид за убиство – но конкретни одговори не добивме.

„Не можеме да споделиме детали од предистрагата и истрагата“, велат кусо од ОЈО-ГОКК.

Истрагата за пукањето кон Раде Штекли ја води скопкото Обвинителство. Од таму не одговараат дали утврдиле поврзување помеѓу бегството на Мали Репки во критичниот период од болница и пукањето во „Ист гејт“. Засега е познато само, дека на 24 октомври, Репки слободно шетал низ Скопје, а полицајците од Идризово чувале празен кревед во приватната болница каде се лекувал.

  • „Јавниот обвинител против 11 лица води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 – 26.10.2023 година, сториле продолжено кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода. Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад“, велат од ОЈО-ГОКК во вчерашното соопштение.

Засега пукачот кон Штекли не е откриен. МВР објави и фотографија од лицето, но неговиот идентитет и по скоро пола година остана непознат. „Алфа“побара одговори и од МВР: дали истрагата која тие ја водат по наредба на јавен обвинител, а за пукањето кон Штекли, ќе се прошири и на Мали Репки – на што ни одговорија дека надлежно за информации е обвинителството.

Мали Репки од село Батинци, во мај 2022 година беше осуден на осум и пол години затвор за убиство. Претходнота година, на почеток на октомври беше уапсен во месноста Лавчани на територија на Велес. Затворската казна ја издржувал во Идризово се додека не им избегал на полицајците, па откако повторно беше уапсен Мали Репки заврши во штипскиот затвор.

Раде Трајковски Штекли, во медиумските објави се поврзува со т.н Барон криминална група од Чаир. Во него, во истиот трговски центар се пукаше два пати, во август и во октомври кога беше ранет.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста