Јосифовски за Алфа: Препораките за организирање прослави ќе предизвикаат хаос во работењето на локалите

Хаос во работењето на угостителските објекти ќе предизвикаат новите препораки за организирање прослави, алармираат од Независната угостителска комора. Оттаму реагираат зашто не биле консултирани при носењето на овие протоколи, и самоволно си ги усвојуваат препораките. Здравко Јосифовски за Алфа вели дека нема логика да има музика на свадба, а да нема на крштевка, роденден или било каква друга прослава.

  • Добро е што Комисијата за заразни болести од една страна со предлог мерките дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор, додека од друга страна постави нови правила и ограничувања за музичарите чие присуство со истата мерка е ограничено само при организирање на свадби, вели Здравко Јосифовски од Независната угостителска комора.

Јосифовски бара Владата при усвојување на протоколите да го врати членот 13 со кој ќе се дозволи организирање на музички настани со жива музика во отворен и затворен дел од објектот во сите угостителски објекти согласно протоколите, а јачината на музиката на 55 децибели, да се укине во целост. Се бара да се дозволи и на иста маса да седат повеќе од шест лица ако се од иста фамилија.

  • Да не се дозволи, доколку дојдат децата со своите родители и баби и дедовци да треба да ги делиме на две маси, или поради еден или два члена повеќе кои би седнале на истата маса ако се повеќе од шест луѓе да имаме проблеми со инспекторатите или контролите, вели Здравко Јосифовски од Независната угостителска комора.

Од сега може да има свадби на летните тераси со музика, но не повеќе од 100 гости. На една маса можат да седат 6 лица. Неофицијално, Комисијата за заразни болести воопшто не дискутирала за тоа дали ќе им се дозволи на музичарите да почнат со работа.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста