Хаос во Скопје: Повреден човек, паднати покриви, оштетени фасади и возила

Еден повреден, откорнати кровови, разурнати фасади, заштитни огради, бандери и паднати дрвја врз автомобили, развлечени електрични кабли. Ваква е сликата во Скопје по вчерашното невреме проследено со ветер кој достигна јачина и до 110 километри на час.

Булеварот Партизански одреди беше блокиран откако покрив од зграда се сруши врз улицата. Падот на кровот од зградата кај трговскиот центар „Антико“ во скопската населба Карпош 4 лесно можеше да заврши фатално за оние кои во тој момент биле на улицата. Видео од критичниот момент беше споделено на социјалните мрежи.

На бројот 195 во Центарот за управување со кризи најмногу дојави за штети имало од граѓани од Општина Карпош, Центар и Кисела Вода. Екипи на Град Скопје од синоќа ги расчистуваат улиците. Според градските власти најмногу штета со паднати кровови имало во Карпош на потегот од мостот Обединети Нации до Скопје Сити Мол.
Силниот ветер ја одвеа и церадата на кафуле во молот.

Шилегов објави фотографии од штети на објект од проектот „Скопје 2014“ предизвикани од синоќешното невреме, коментирајќи дека во периодот на минатата власт зградата била изградена неквалитетно. По ова следуваа бројни реакции на социјалните мрежи зошто не споделил и фотографија од хемиското училиште „Марија Склодовска“ кое остана без покрив, а за чија реконструкција токму тој даде речиси 45 милиони денари и уверуваше во квалитетот. Денеска на прес-конференција се правдаше тој не го ставил покривот, туку само фасадата. Информираше дека делумно оштетување имало и во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“

„Покривот на средното хемиско училиште бил реконстуиран во 2009 година, од Министерството за образование под тогашно водство на Никола Тодоров. Проценката беше дека нема потреба да се санира нешто што неодамна било направено. Ние таму ја реконструиравме фасадата, односно ја направивме енергетски ефикасна “, рече Шилегов.

Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека Шилегов наместо да води евиденција кој кров во чие време е изграден, треба да ги засука ракавите и како што велат да го среди хаосот во кој ги оставил скопјани по невремето…

Дејан Трендов

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста