Грција преку ноќ ги затвори границите за Србите, Македонија уште се колеба

Здравствените ковид биланси ги спуштаат граничните рампи. Од шест часот изутрината Грција ги затвори границите за српските туристи. Одлуката на грчките власти, се должи на епидемиолошката ситуација во Србија и големиот број на позитивни на Ковид-19 меѓу српските државјани кои Грција ги тестирала. За разлика од македонската влада, грчката – реагираше експерсно и одговорно кон здравјето на своите граѓани. Додека во Македонија, и покрај високите бројки на заболени и починати од коронавирусот – одлука за затворање на границите нема, најверојатно до 15-ти Јули. Комисијата за заразни болести на ова прашање топката ја префрла на владата, а власта пак ја врати назад. Ресорниот министер Филипче денеска призна дека отворените граници се ризик за ширење на заразата, и не ја исклучува можноста за повторно затворање на границите.

“Можно е да препорачаме воведување некои нови мерки на границите, ако ризикот од влез на граѓаните од околните земји може да го загрози нашиот здравствен систем. За границите се дискутираше  интензивно викендов и утрово на Комисија за заразни болести, но разговараме и со епидемиолози во повеќе центри за јавно здравје во јужна Србија од каде очекуваме дополнителни информации за состојбата со заболените од ковид-19”  – вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Дека комисијата за заразни болести е сцена  на која и политиката има своја улога упатува последната одлука за отворањето на границите. Поранешниот директор на скопскиот Центар за јавно здравје Арбен Зибери  јавно се пофали дека ДУИ ургиралa во Комисијата за заразни болести да препорача отворање на границите за да можат нивните гласачи во дијаспората да бидат во Македонија за денот на изборите.

Во меѓувреме, Македонија се уште живее под студениот туш од Брисел со затворени граници за македонците во земјите членки на ЕУ. Македонските граѓани без тест и карантин може да патуваат само во Србија, Албанија, Косово и Турција, а кај нас може да влезе странски државјанин без да се тестира и да оди во задолжителна самоизолација. Македонските државјани може да заминат во  Бугарија, Хрватска и Црна Гора, но таму ќе мора да бидат во 14 дневен  карантин.

 

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста