Царовска за Алфа: Прашајте во економија за инвеститорите кои ќе плаќаат поскапи царини, има законски пречки

Владата и дефинитивно ги остави на цедило странските компании кои наместо поевтини, сега ќе плаќаат повисоки царини за производите. Рокот за привремената мерка за 50% попуст на дел од царините заврши на 1 јули, но оттогаш, власта ги игнорира апелите на старнските фирми за продолжување на мерката, односно изедначување на царините спо оние во Европската унија. Наместо конкретен одговор, од владата си ја префрлаат топката.

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска упатува на одговор во министерството за економија. Се правда дека имало законски пречки.

Претходно, и министерката за финансии Нина Ангеловска се правдаше дека компаниите на време не доставиле барање, па затоа не им излегле во пресрет.

Царинските стапки на 12 производи беа преполовени во период од 6 месеци. Сега се враќаат на старо и ќе бидат и до три пати поголеми од оние што важат во Европската унија. Алфа уште пред десетина денови го објави дописот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство кои бараат одговори од власта, за да можат да го планираат производството. Во период на криза, тие се загрижени како во вакви услови воопшто ќе можат да ја задржат конкурентноста.

– Ова ја прави земјата неконкурентна како локација за инвестиции во споредба со другите земји-членки на ЕУ и земјите од регионот и дополнително ги прави неконкуретни македонските производи. Во Македонија нема домашни компании кои произведуваат компоненти кои се вградуваат во производите кои натаму се извезуваат од Македонија и се увезуваат од земји-членки на ЕУ, но често и Кина, Јапонија и други земји од Далечниот Исток и при увоз од овие земји се плаќаат непотребно високи и нелогични царини, велат од Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство.

Странските компании со технолошки напредно производство веќе алармираа дека се соочуваат со сериозни загуби поради пандемијата. Тие побараа грантови за големите извозни фирми, 6 месечен мораториум за обврските кои ги имаат кон државата, кои произлегуваат од договорите за државна помош, како и продолжување на субвенциите за исплата на плати.

Инаку, инвеститорите имаат приходи кои достигнуваат скоро 3 милијарди евра годишно и вработуваат речиси 28.000 луѓе.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста