Европските земји се отвораат, Македонија сѐ уште тапка в место со затворени граници

Европските земји се отвораат, Македонија сѐ уште тапка в место со спуштени рампи. Ништо од најавите дека границите ќе се отворат на 15 јуни, со оглед на лошата епидемиолошка слика во земјава. Земјите од регионот веќе кројат стратегија за туристичката сезона за влез на туристи со отворени граници, за разлика од нас кои немаме ниту стратегија. И ако утре се отворат границите, речиси и никаде не сме добредојдени, зашто бројот на заразени и натаму е многу висок.

Добар дел од граѓаните велат дека редно време било да се отворат границите, и да се следи примерот на другите земји, секако без карантин во земји слични на нас.

Но има и такви граѓани, главно повозрасните кои се против отворањето на границите, согледувајќи ја епидемиолошката крива на заразени.

Голем дел европски земји почнаа да ги укинуваат ограничувањата воведени за да се спречи ширењето на Коронавирусот. Со кревањето на рампите, многу луѓе почнаа да размислуваат дали и каде можат да заминат на одмор ова лето. Речиси секоја земја има свои правила и свој распоред за повторно отворање на границите, како кон своите соседи, така и кон подалечните земји.

Иако Грција најави дека од 15 јуни се очекува отворање на границите и за туристичките патувања, сепак сега тактизира и вели дека прво ќе ја следат ситуацијата во Македонија, па ќе соопштат што ќе решат. Грција ќе ги отвори границите и за Албанија и Бугарија.

Соседна Бугарија од 1 јуни ги отвори границите со Србија, Грција и со Македонија, но по влошувањето на состојбата кај нас и наглиот пораст на новозаболени, бугарското министерство за здравство издаде наредба за двонеделен карантин за Македонците што ќе пристигнат во Бугарија. Истото го воведе и Словенија за граѓаните што патуваат од Македонија.

Хрватска ги отвори своите граници за сите држави, но не и за жителите на Македонија и на Србија. И Црна Гора отвара граници за одредени земји, но и таму не сме добредојдени. Кај нас пак, сѐ уште нема одлука за отворање на границите, ниту пак за аеродромите. Од ТАВ, концесионерот на аеродромите во Скопје и во Охрид, информирале дека по донесената одлука за нивно отворање, им требало една недела за да ги стават во функција.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста