Економисти: Во Ковид-криза земјите проектираат масивни буџети, власта мора да го стимулира приватниот сектор

Се истрча ли владата со буџетот за следната година? Во ваква непредвидлива економска ситуација поради корона кризата, предвидувањата за што би се трошеле и од каде би се обезбедиле парите следната година е речиси неодговорно. Економските експерти предупредуваат дека во вакви, неизвесни услови тешко би се предвиделе макроекономските движења, затоа кон идејата за распродажба на државниот имот за да се полни касата треба да се настапи многу внимателно.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски за Алфа рече фокусот на досега историски најголемиот буџет, тежок цели 4 милијарди евра треба да биде насочен кон поддршка на малите бизниси кои поради кризата се пред банкрот.

  • Сведоци сме на пропаѓања на бизниси. Во вакви услови секаде се проектираат масивни буџети, со цел да се подгрее потрошувачката и да се стимулира бизнисот. Излезот од рецесијата е само стимулација на приватниот сектор, мора да се мисли во намалување на регулативите, рече за Алфа универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Според професорот, време е буџетот да се конципира врз основа на реалните капацитети на економијата, и да нема расфрлање со државните пари. На прашањето дали е правилно да се продава државниот имот, како што најавија од власта, професорот вели дека тука мора да се оди многу внимателно, за да не се направи уште поголема штета.

Дел од економистите предупредуваат дека падот на економијата годинава може да биде многу поголем од оној што сега е проектирано.

Вкупните приходи на државната каса се позиционирани на 3,45 милијарди евра, а буџетскиот дефицит е 567 милиони евра, или 4,9% од БДП што е за речиси еден и пол процент повеќе од сите досегашни проектирани буџети.  

Министерот за финансии денеска предлог буџетот лично му го предаде на собранискиот спикер.  

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста