Буџетот за 2021 над 4 милијарди евра – ќе се издава обврзница, ќе се распродава државен капитал

Рекордни 4 милијарди евра, толку ќе тежи државниот буџет за 2021 година. Главно ќе биде наменет за поддршка на здравствениот сектор и силно погодената економија. Вкупните приходи се позиционирани на 3,45 милијарди евра. Буџетскиот дефицит е 567 милиони евра, или 4,9% од БДП.

Премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими ги соопштија клучните проекции за следната година. Секако непредвидливоста поради вирусот останува, но властите се убедени во фискалната консолидација.

Министерот за финансии очекува закрепнување на економијата во втората половина од 2021 година. Капиталните инвестиции ќе бидат 373 милиони евра. Бесими рече дека фискалната консолидација, односно намалувањето на разликата помеѓу расходите и приходите во буџетот е неопходна за да се постават здрави основи за стабилна економија и раст.

  • Оттаму, предвидовме политики со кои во следните пет години постепено ќе се намалува истиот – односно во 2022 година истиот е проектиран на – 3,8%, во 2023 година на -3,2%, во 2024 на -2,8% и 2025 година на -2,1%. Со ова на среден рок ќе се стабилизира и јавниот долг, односно проекцијата е дека до 2025 истиот ќе с намали на 58,8% од БДП.  Фискалната консолидација ќе се постигне преку: подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и преструктуирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, изјави Бесими.

Оваа година ние се соочуваме со една од најголемите кризи во последното столетие. Економските статистики не се ништо посветли од тоа што се случува во здравствениот сектор, додаде министерот.

Бесими рече дека државата следната година вкупно ќе се задолжи за 530 милиони евра, од кои 275 милиони ќе бидат на домашниот пазар. Рече и дека ќе се издава еврообврзница. Но затоа ќе се продават државните компании, процес од кој ќе треба да се обезбедат и пари за помош на економијата. На продажба ќе оди  државен имот, но и компании кои се во загуба. Први на удар ќе бидат „Пошта“, „Железници“, „Еурокомпозит“, „Колска“, „Чебрен“, „Осломеј“.

  • Нашиот фокус во текот на 2021 година колку што е можно повеќе го насочуваме на политики коишто ќе поддржат инвестиции за зголемување на конкурентноста и политики коишто ќе поддржат реализација на капиталните инвестиции, што на среден рок ќе значи одржлив раст односно забрзување на стапката на растот. Третиот приоритет на буџетската политика во 2021 година е непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евроатланските интеграции, изјави Заев.

Власта уверува дека ќе се кратат несуштинските трошоци, а ќе имало поголема поддршка на приватниот сектор, иновациите и зајакнување на конкурентноста. Од Владата велат дека имаат предвидено и дополнителни 50 милиони евра резерва за Ковид-кризата, за да нема нов ребаланс уште во првиот квартал од 2021 година. Деталната слика за државната каса за договдија јавноста сепак ќе ја почека. Буџетот од Владата сега ќе се сели во Парламентот.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста