Струјата ќе не „дрма“ во наредниот период, не очекува ново поскапување, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески. Првиот човек на најголемата бизнис асоцијација во земајва предупредува дека редица компании во државава се жалат дека имаат проблеми со набавката на струјата, оти компаниите посреднички им ја зголемуваат цената или не можат да го реализираат договорот. Наглиот скок на цената на струјата на светските безри е клучниот проблем, за кој државата мора да најде итно механизми за одбрана.

Според Азески, откажувањето на договорите влијае сериозно и ја урива едба од клучните претпоставки за водење бизнис, предвидливоста. Предлага итно да се преземат конкретни чекори.

Подигање на домашното производство на електрична енергија како базична мерка. Регулаторната комисија за енергетика да биде на висина на задачата и со конкретни мерки да дејствува енергично за да престане манипулативното откажување на договорите, кои ќе вклучуваат јавно објавување и одземање на лиценците, не само на компаниите, туку и на сопствениците на истите, со трајна забрана на вршење на ваква дејност. Дополнително, да се излезе во јавност со јасна прогноза како ќе се одвиваат работите понатаму, за да можат компаниите тоа да го вградат во своите бизнис планови.

Азески предупредува дека мора да се реагира оти растот на цените може да предизвика и макроекономски проблеми и укажува дека иницијативата на бизнис заедницата никако не треба да се сфати како обид за драматизирање, туку како транспарентност за нешто што не зависи од нас.

Дека Македонија ќе се соочи со сериозен недостиг на струја предупредуваат и енергетските експерти. Професорот Ѓорѓи Манасков за Алфа вели дека државата мора под итно да бара начини за стабилизирање на пазарот со набавка на струја, зашто ваквиот проблем бил и повеќе од сериозен.

  • Пред нас се состои доста сериозен проблем, а тоа е дека Македонија ќе се соочи со недостаток на струја, затоа мора граѓаните да бидат подготврени дека нема да биде исто како што беше лани, или годината пред тоа. Наредниве денови ќе имам проблем со испораката на струја од соседството, поготово од Бугарија, додава меѓу другото Ѓорѓи Манасков за Алфа.

Минатата недела, и Регулаторната комисија за енергетика кажа дека забележува незаконско откажување на договорите за снабдување на своите клиенти, додека другите го злоупотребуваат системот за балансирање на енергија на МЕПСО, така што не ја купуваат потребната количина струја за клиентите. Ова може да доведе до дестабилизација на електро-енергетскиот систем во земјата.

Затоа, Регулаторната комисија почна да ги одзема лиценците на снабдувачите и ги предупреди сите останати да ги исполнат своите обврски кон клиентите, без да се злоупотреби системот за снабдување на МЕПСО.

Цената на електричната енергија на берзата за енергија во Будимпешта за последните 12 месеци порасна, од 57 евра за мегават час до 138 евра.

Според сите релевантни информации, причина за ова се зелената агенда во Европа и намалувањето на енергијата произведена од јаглен, релативно ниското производство од ветерните централи во Европа, брзиот пораст на пазарите и енормниот пораст на цената на природниот гас на светските берзи. Ваквите состојби според упатените ќе го наметнат овој проблем како предизвик на подфолг рок. 

Борис Грујоски