12 нови советници за премиерот Ковачевски, 50-те советници на Заев нема да бидат отпуштени

Премиерот Димитар Ковачевски ги трга луѓето на Зоран Заев од Владата и носи свои. Ќе ангажира 12 нови советници. Се уште не ги открива ниту имињата ниту хонорарите што ќе ги добиваат. Тимот од 50-на советници што ги имаше неговиот претходник Зоран Заев нема да остане без работа, ќе им се нашле задолженија во органите на управата.

Премиерот Димитар Ковачевски ќе има 12 советници. За колку пари ќе работат и кои ќе бидат нивните имиња, премиерот вели дека се уште било рано да се каже, но тоа биле висококвалификувани професионалци во своите области. Двајца ќе бидат од Германија.

  • Бројот на советници којшто јас планирам да го имам е помал од бројот на советници што ги имале досегашните премиери. Тие советници ќе извршуваат работи во нивната професионална област, сите имаат дваесет и повеќе години професионално искуство, академско и професионално, рече Ковачевски.

Тимот од околу 50 советници кои ги имаше неговиот претходник Зоран Заев нема да остане без ангажман, ќе работеле на задачи за кои се квалификувани во органите на управата.

  • Дел од нив нема да бидат повеќе, со оглед на реорганизацијата на кабинетот. Дел од нив, пак, ќе работат на линиски работи за кои се специјализирани. Бројот на советници што планирам јас да го имам ќе биде помал од бројот на претходните премиери. Тие ќе извршуваат работи во нивната професионална област, додава премиерот.

Во канцеларијата на поранешниот премиер Зоран Заев беа ангажирани 54 луѓе, меѓу кои и и 23 советници. Вкупната сума за нето-плати за нив била над 20.000 евра месечно, или околу 246.000 евра годишно.

Највисоки примања од нив, 74.618 денари имаше разузнавачот Зоран Верушевски како советник за национална безбедност. Просечните примања на останатите беа по 55 илјади денари месечно.

Во текот на престојот на Илинденска, Заев како советници одреден период ги имаше и Цветанка Ласкова и Ленче Николовска, но и Љубе Бошковски, Џезаир Шаќири познат како командант Хоџа, последните двајца беа и на црната листа на Соединетите Држави.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста