Со лажен сертификат битолска фирма сервизирала лифтови во болници, министерства, на државен трошок

Фирма за сервисирање лифтови која во изминативе четири години добила над 90 тендери од државата имала лажен сертификат за квалитетот на нејзиното работење. Антикорупциската комисија денеска го обелодени овој случај, откако на последниот тендер во Градската општа болница 8-ми септември, се открило дека фирмата учествувала со фалсификат сертификати кои ги добила од македонска фантом фирма која се прикажувала како застапник на лиценцирана хрватска фирма. Случајот го пријавила комисијата за Јавни набавки прио ГОБ 8-ми септември. За која фирма станува збор, од Антикорупциска не откриваат. Покренуваат иницијатива за кривично гонење во ОЈО, како  и предупредување до Владата  да ги известат сите надлежни органи во постапките за лифтови доколку се појави оваа фирма.

Злоупотребата, според антикорупционерите, се одвивала на тој начин што фирма – фантом ги правела фалсификатите, кои наводно биле издадени од хрватска фирма, а фирмата за лифтови ги користела фалц документите за да конкурира и да го добие тендерот. „Јавниот обвинител преку своите истраги, треба да утврди дали и другите 90 тендери се добиени со истите фалсификувани сертификати“, вели Владимир Георгиев, член на ДКСК.

Антикорупционерите предупредуваат дека фирмата била поврзана со уште две други, од Скопје на начин што нејзиниот управител бил сопственик на останатите две кои исто така работеле со монтажа и сервис на лифтови. Ова според антикорупциска е класичен криминал. Доколку овие субјекти дејствувале подолг временски период ќе се открие дека тие работеле не само кај јавни субјекти, туку сигурно и во станбени згради. 

– Замислете која е опасноста, со лажни сертификати за лифтови, животи се во прашање, вели Софка Пејовска Дојчиновска.

Овој случај според антикорупционерите ја покажува системската слабост во системот за јавни набавки, односно дека Комисијата за јавни набавки од било кој државен орган нема обврска да ја проверува автентичноста и валидноста на ИСО сертификатите. Токму оваа слабост била искористена од оваа фирма.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста