Ќе замрзнуваат цените на јајцата и оризот, се прават анализи и за месните производи

Власта секоја недела се рекламира и замрзнува по еден производ. Премиерот една недела се слика како купува поевтин леб, после макарони, па млечни производи, а граѓаните тоа никако реално да го почувствуваат. Сега власта најавува дека под мраз ќе одат јајцата и оризот, по цени кои важеле во текот на март, а шеќерот и брашното засега нема да поевтинат, за да им се дала уште една можност на производителите сами да ги намалат цените.

Министерот за економија вели дека нема да има целосна забрана за извоз на јајца поради меѓународните трговски договори, но може да има ограничување на количините што би отишле на странските пазари.

  • Моментално има побарувачка на јајца од другите држави и се зголемува извозот од Македонија кон другите држави. Побарувачката од другите држави се зголемува кон нашите производители со поголеми цени од постоечките кај нас што значи дека во случај да донесеме забрана за извоз тоа ќе биде спротивно на договорите на ЦЕФТА во регионот и на договорите што ги имаме со ЕУ од каде може да следат одредени санкции кон нашата држава и затоа таква одлука не е опција да се носи, вели министерот за економија Крешник Бектеши.

Дали може да се случи земјава да се соочи со недостаток на јајца во пресрет на велигденските празници, Бектеши рече дека многу се внимавало да не дојде до тоа, и уверува дека овие производи ќе ги има.

  • Во делот на јајцата, моментално се зголемува извозот кон другите држави, со поголеми цени од постоечките кои ги имаме на домашниот пазар. За да ги задржиме постоечките цени, а извозот да биде согласно тоа што било и претходно, ние утре нема да донесеме само одлука за замрзнување на цената, туку и ќе ограничиме доволно производство за потребите на домашниот пазар. Што значи дека процентуално ќе ограничиме колку од производството може да излезе надвор од земјава, нагласи Бектеши.

И додека стопанството критикува дека вештачки се замрзнуваат цените, од Владата следно ќе ги анализирале и месните производи, по што и за нив ќе се одлучува за колку да има намалување. За цените на овошјето и зеленчукот, велат, не можело да носат одлука без податоци од Министерството за земјоделство.

  • Треба да бидеме внимателни во однос на овошјето и зеленчукот бидејќи министерот за економија немаме доволно податоци за влезните трошоци, ако Министерството за земјоделство ги има ние тогаш ќе направиме анализа и за овие прехранбени производи. Ние треба точно да знаеме колку е производната цена на секој од овие земјоделски производи, рече Бектеши.

Инаку, од 16 март под мраз заминаа тестенините и млечните производи, а од 28 февруари е замрзната и цената на лебот. Тогаш, согласно владините одлуки, се укина и субвенционираната струја за компаниите од прехранбената индустрија кои ниту денар не ги поевтинија производите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста